Од октомври субвенции за просечна плата од 30.000 денари

207

Ребалансот на буџетот пред министрите треба да се најде уште на наредната владина седница следната недела, а според плановите, Собранието треба да го донесе во октомври. Паралелно се работи и на подготовка на буџетот за 2020 година.

Според извори од Владата со ребалансот ќе се обезбедат средства со кои ќе се стимулира севкупното покачување на платите во државата. Една од мерките би била државата да ги покрива придонесите за здравствено и пензиско осигурување кога работодавецот ќе ја зголеми платата на работниците во нето-износ од 25 отсто од просечната плата. Оваа мерка ќе почне да се применува од октомври годинава, а со неа, се очекува да се реализираат ветените 16 илјади минимална плата и 30 илјади денари просечна плата. Според истиот извор, дел од мерките ќе бидат насочени и кон младите со цел тие да не ја напуштаат сопствената држава.

Инаку, како што е веќе најавено, со ребалансот ќе има кратење на средствата за капитални инвестиции кај министерствата кои не ги искористиле. Министерот за економија Крешник Бектеши вчера изјави дека во неговиот ресор нема да има кратење туку зголемување на средствата поради големиот интерес од граѓаните за мерките што се спроведуваат, како што е на пример субвенционирањето за вградување плински уреди во возилата, што, како што рече, ќе стартува до 1 октомври.