Од каде му на Јуве пари за Влаховиќ?

108

Репрезентативецот на Србија, Душан Влаховиќ, ако не биде некое големо изненадување, во следните 24 часа, ќе биде преставен како најнова милионска аквизиција на најтрофејниот клуб во италијанската Серија А, Јувентус. За да ги осигураат услугите на 21-годишниот напаѓач, раководните лица на „старата дама“ мораа да го прифатат побараното обештетување од челниците на Фиорентина, вредно 75 мил. евра. Со реализација на спектакуларниот трансфер, Влаховиќ, ќе дојде и до титулата најскап српски играч во фудбалската историја и ќе биде пред Лука Јовиќ, кој шпанскиот гигант Реал (М) го купи од германскиот бундеслигаш Ајнтрахт од Франкфурт за 60 мил. евра.

Истата таа парична сума, челниците на Фиорентина ја побараа и од раководните лица на Арсенал, Њукасл, Тотенхем и Атлетико (М), но од сите тие клубови добија негативен одговор. Раководните лица на Јувентус оценија дека можат да си дозволат таков луксуз, а италијанската фудбалска јавност се обиде да открие од каде и на „старата дама“ таква финансиска моќ.

Според пишувањата на „Скај Спорт“, Влаховиќ во следните 24 часа ќе потпише договор со Јувентус кој ќе биде со важност до 2026 година и кој на Србинот ќе му гарантира годишна плата од седум милиони евра. Тоа значи дека целата работа, заедно со обештетувањето и платата, ќе го чини Јуве околку 125 мил. евра.

Од сите информации, најмногу боде во очи таа дека Јувентус вложува голема парична сума во трансферот на Влаховиќ иако пред две години потврди дека клубот е во минус од 90 мил. евра, а на крајот од изминатата сезона тој минус изнесуваше 210 мил. евра. Сепак, италијанските медиуми имаат одговор и на ова прашање.

Со ваквиот потег, раководите лица на „старата дама“ сакаат да ја спречат големата загуба која ќе настане доколку тимот не обезбеди пласман во групната фаза од Лигата на шампиони. Самиот пласман во групната фаза и нормално, очекуваниот пласман во 1/8 финалната рунда, тоа не би требало да биде проблем за еден тим каков што е Јувентус, гарантира заработка од 80 мил. евра.

Голема е веројатноста дека челниците на Јуве и на Фиорентина постигнале договор, обештетувањето да биде исплатено на неколку рати. Претходно, Јуве ги осигура услугите на Фредерико Киеза и на Мануел Локатели, откако беше договорено нивното обештетување да биде исплатено на неколку рати.