Во Порта Македонија, на 17 февруари, во 13 часот, ќе биде отворена изложба на калиграфија и калиграм од иранскиот уметник Мохамадреза Афшари.
На изложбата ќе можат да се видат раскошни примероци на исламската калиграфија изработени на платно и на хартија. На отворањето ќе се обратат в.д. директор на Музејот на македонската борба – Даниела Николова, в.д. амбасадор на Иран во Скопје, Мехди Мохаведи, авторот Мохамадреза Афшари, а се очекува изложбата да ја отвори министерот за култура на Македонија, Хусни Исмаили.
Мохамадреза Афшари е истакнат ирански уметник во чиј фокус е исламската калиграфија со богато искуство и меѓународни изложувања. Роден е во градот Ком, Иран, дипломирал на Факултетот за убави уметности на Универзитетот во Техеран, каде и предава, а работи и како инструктор во Иранската калиграфска асоцијација. Изложбата ќе биде поставена во Порта Македонија до 24 февруари.