Од земјотресот се спасија со скок од тераса, а благодарение на Рама се запознаа со Роналдо и Буфон

45

Албанскиот премиер Еди Рама им приреди вистинско изненадување и ретко доживување на Арелин и Алесио, деца од Туман, едно од најпогодените места од катастрофалниот земјотрес, кои скокнаа од тераса за да се спасат.

Откако беа пуштени од болница, по закрепнувањето од повредите и претрпениот шок, Рама двете деца ги однесе во Торино, каде веќе договорил средба со фудбалерите на Јувентус, Кристијано Роналдо и Џанлуиџи Буфон.

Децата, на чија радост и немало крај, добија и по еден убав спомен, маици со потпис од двајцата фудбалери, кои и овој пат потврдија дека иако се ѕвезди сепак се спортисти со големо срце.

Рама во видео снимката им се заблагодари на фудбалските ѕвезди и додаде дека ова е од големо значење, не само за децата, туку и за целата држава.

Тој исто така им објасни на двајцата фудбалери за земјотресот, кој ја погоди неговата земја утрото на 26 ноември и целата ситуација предизвикана од силниот потрес од 6,4 степен според Рихтеровата скала.

Едно од децата, Алесио Цако (10) во земјотресот го загуби својот татко и сестричката, а мајка му се уште се наоѓа в болница.