Од Железница ветуваат старт на работите на пругата за Бугарија во септември

97

Наредниот месец стартуваат работите на изградбата на двете делници од пругата кон Бугарија, за кои минатиот месец се потпишаа договори со компаниите „Штрабаг“ и „Ѓулермак“, најавува инвеститорот, државното претпријатие Железница инфраструктура.

Договорите со странските работници, кои ќе работат за австриски „Штрабаг“ на првата делница од Куманово до Бељаковце, се во подготовка, а според информации на весникот ВЕЧЕР, на оваа делница на раководни, инженерски и на други позиции ќе дојдат работници од Босна и Херцеговина и од Црна Гора. Според Железница инфраструктура, изведувачите ќе добијат пристап на теренот уште овој месец, а од наредниот, до кога се очекува да завршат административните процедури, треба да почнат да работат.

Првата делница, која ја доби „Штрабаг“ – австриска компанија со искуство во работата на инфраструктурата во нашата држава, е делумно изградена, но на неа нема активности од јуни 2020 година, кога со изведени 54 проценти од работите, теренот го напушти тогашниот изведувач, германски „Вибе“, еднострано раскинувајќи го договорот со Владата и оставајќи ги работниците без плати. Турски „Ѓулермак“, пак, има недопрен терен на втората делница од Бељаковце до Крива Паланка. Двете компании ќе си го донесат раководниот и инженерскиот кадар, а другите работици и механизацијата ќе бидат наши.

– Водејќи сметка дека „Штрабаг“ е веќе етаблирана фирма во државата и ги има сите потребни услови за активирање на работата, нејзиниот вовед во работата ќе биде многу побрз во споредба со воведот со работа на турската компанија. Пристап до градилиште ќе биде направен во текот на месецов за компаниите изведувачи, а почетокот на градбата ќе биде во координација со нив. Водејќи сметка дека е огромна работата за втората делница од пругата, очекувањата се дека тоа на оваа делница би се случило на крајот од септември – изјави директорот на Железница инфраструктура, Хари Локвенец.

Тој појаснува дека според правилата на кредиторот ЕБРД, датумот за почеток на работите е од осум до 90 дена по потпишување на договорот. Според него, роковите сигурно ќе бидат испочитувани, но се работи на тоа стартот да биде поскоро.

Рокот за изградба на првата делница од Куманово до Бељаковце е 24 месеци, односно до есента 2024 година. Има работа на целата траса од 31 километар, а инвестицијата е 40,5 милиони евра. Втората делница, Бељаковце – Крива Паланка, е долга 34 километри, работите се вредни 155 милиони евра, а според договорот со  „Ѓулермак“, треба да завршат за 36 месеци, односно во 2015 година. Но, компанијата очекува да го скрати рокот за изведба за шест месеци.

Средствата и за двете делници се обезбедени преку кредити и грантови, а експропријацијата е стоотстотно решена. За третата делница, од Крива Паланка до границата со Бугарија, која е најкомплицирана за изведба и е најскапа, до крајот на годинава треба да биде објавен тендер за избор на изведувач. Досега се обезбедени само 216 милиони евра од 405 милиони евра, колку што е проектната вредност проценета пред пет години.

Изградбата на пругата кон Бугарија почна пред речиси три децении, а работите првпат застанаа во 2004 година. Една деценија подоцна продолжија, за повторно да запрат пред две години, кога германскиот изведувач „Вибе“ ја напушти трасата на првата делница.