Изборниот законик да се носи внимателно, а не да се менува набрзина, порача министерот за правда Никола Тупанчески, кој претходно упати повик да се формира работна група која ќе работи на законските измени. До крајот на месецот се очекува политичките партии и граѓанските организации и здруженија да делегираат свои членови во групата со која ќе претседава експерт, при што постои можност за да се вклучи и странски експерт во самиот процес. Но, како што станува јасно од изјавите на дел од претставниците на политичките партии, главниот проблем е како да се усогласат барањата на партиите од македонскиот блок за една изборна единица со оние од албанскиот табор за шест или осум изборни единици.

Министерот Тупанчевски вчера во ТВ-гостување, осврнувајќи се на активностите кои се преземаат од страна на министерството за подготовката на нов Изборен законик, посочи дека треба да бидат вклучени сите засегнати страни.

„Јас се обидувам колку што може повеќе да го афирмирам начелото на инклузивност, сите засегнати страни да бидат дел од онашто се нарекува нов Изборен законик. Колку ќе успеам во тоа не зависи само од мене затоа што се знае колку се моите ингеренции“, рече Тупанчески, додавајќи дека овој закон се носи за во иднина и не би смеело да се дозволат пропусти или недостатоци кои ги имало непосредно пред избори што доведувало до инстантно менување на Изборниот законик.

Според него, барањето на опозицијата за предвремени избори е легитимно право, но тоа не смее да влијае на процесот на носење на нов Изборен законик и сите страни ќе треба да се издигнат над ситуацијата. Тој додаде дека е противник на лидерски средби, бидејќи тие го суспендираат владеењето на правото.

„Лидерската средба според мене е суспензија на правото, се договараат 4 или 6 или не знам колку луѓе, како понатаму? Да, тоа можеби така изгледа доколку ја гледаме површината на нештата дека помага или е алгоритам да стигнеме до некое поместување, меѓутоа дефинитивно лидерските средби и според форма и според содржина значат суспендирање на основните принципи на владеење на правото”, посочи министерот за правда, Тупанчески.

Главниот проблем при усогласување на изборните измените ќе бидат потполно различните ставови на партиите од македонскиот и албанскиот табор. Додека македонскиот блок е за намалување на бројот на изборни единици од шест на една, албанскиот не сака ни да слушне за намалување, а се бара и зголемување на осум изборни единици.

Лидерот на Алијанса на Албанците Зијадин Села смета дека доколку дојде до промена на изборниот закон, тогаш тие ќе бараат да има 8 изборни единици, бидејќи на овој начин се добива реалната слика во државата поделена по економски региони.

Пратеникот и лидер на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, истакна дека предлог-законот за една изборна единица е поддржан од мнозинството пратеници – 94. Тој смета дека доколку се прифати предлогот на АА за изборен модел со осум единици, ќе се зајакнат позициите на ДУИ.

И од Левица сметаат дека најголем противник за воведување една изборна единица е ДУИ, но дека е сличен ставот и на дел од другите албански партии.

Од ВМРО-ДПМНЕ даваат поддршка за итно да се изгласа една изборна единица и што поскоро да се заврши процесот на изборните измени, во насока на нивното настојување за предвремени избори.

Од СДСМ велат дека го поддржуваат воведувањето на една изборна единица и дека партијата е првата која оваа заложба ја има поддржано јавно и програмски.

Од ДУИ се отворени за разговори за измена на Изборниот законик, но бараат да се најде еден поширок „меѓуетнички, па и меѓупартиски консензус“, нагласувајќи  дека нема да дозволат „да дојде до мајоризација“ при неговото носење.

(И.С.)