„Одлучно за промени“ во Куманово ја промовираше кандидатката за градоначалник, Теодора Димитровска

21

Нудиме реални, ефикасни проекти, мерки што може да се реализираат со општинскиот буџет, рекоа претставниците на Движењето „Одлучно за промени“ од ЛДП и ДОМ на вечерашниот митинг во Куманово.

Пред граѓаните Движењето ги промовираше изборната програма, кандидатката за градоначалник на Куманово, Теодора Димитровска и носителот на советничката листа Валентин Ефтимовски.

Лидерот на ЛДП, Горан Милевски рече дека се одлучиле за заеднички настап на локалните избори за да се смени триесетгодишната слика на како што истакна мегаломански предизборни ветувања.

– Не ветуваме огромни проекти, ветуваме реални, можеби и поефтини проекти, практични променливи со кои решаваме локални проблеми со кои секојдневно се соочуваат граѓаните. За сите проекти кои сакаме да ги реализираме очекуваме да добиеме финансиска поддршка од ИПА програмите, прекугранична соработка, други донации буџетот на државата. Она по што се разликуваме од останатите е дека не ветуваме нешто што не може да се реализира, истакна Милевски.

Во листите за советници, нагласи, има квалитетни, признаени и препознатливи луѓе од заедниците, кои имаат авторитет, достоинство, за разлика од политичките опоненти каде, потенцираше има само партиски лица.

– Теодора е вистинско изненадување не само за Куманово, туку и во целата изборна кампања, таа се соочи со искусни луѓе во политиката и со нив многу добро се справи, прв пат жена кандидат и во Куманово, горди сме на нејзината кандидатура се надеваме дека тоа ќе го препознаат кумановци и ќе дадат поддршка да се променат работите, рече Милески.

Зелената агенда останува приоритет во движењето, напомена лидерот на ДОМ, Маја Морачанин. Таа додаде дека и е драго што се повеќе партии и групации промовираат зелена агенда, бидејќи колку повеќе се поддржуваат зелените принципи, толку стануваат поостварливи.

Локалната власт има огромно влијание за решавање на проблемите од загадувањето, смета Морачанин и затоа, како што дополни, мора да се стави фокус на решавање на горливите проблеми со кои се соочуваат општините, аерозагадувањето, загадувањето од индустрија, од сообраќај, третманот со отпад.

– Најважно од се е да имате чесни искрени луѓе кои работат во интерес на граѓаните, а не во личен интерес, затоа што тоа е последниве 30 години што го гледаме слушаме во кампањи ветувања и кога тие луѓе доаѓаат во институции каде имаат можност, доверба од граѓаните да сработат, изостануваат резултати со оправдување дека немало финансии, немало време, тоа не е така, има работи кои можат да се завршат во еден мандат а граѓаните тоа со право го очекуваат, рече Морачанин.

Кандидатката за градоначалник од Куманово, Теодора Димитровска кажа дека програмата е пишувана од граѓаните за граѓаните. Таа ветува град за млади, скејтпарк, кино за сите.

– Урбана општина со подобрена економија, помош за мали и средни претпријатија до 200.000 денари за алати и опрема, ги помагаме селските стопанства и ги привлекуваме ИТ номадите да доаѓаат и да творат во државата, развој на руралниот туризам. Од друга страна ги отвораме фармерските зони кои се значајни за заживување на циркуларната економија. Предлагаме концепти со кои градот ќе стане модерен, европски и зелен град. Граѓаните треба да бидат одлучни за промени и веќе немаат право да кажат дека се е црно-бел свет, еве ја третата опција и тука сме да понудиме вистински граѓански концепт-рече Димитровска.

Во програмата е предвидена поддршка за граѓаните за поставување фотоволтаични системи, маркички за контејнери и мапирање зелени површини.