Одложена примената на преодната одредба на Законот за трговија на зелените пазари

64

Собранието денеска во рамки на 81. седница изгласа измени и дополнувања на Законот за трговија на зелените пазари, со кои се овозможува дополнителен рок за преодната одредба во која се предвидува вршење јавни овластувања за упис во Регистарот, издавање  легитимација, издавање решение за упис на промена во Регистар, како и издавање решение за одјавување на дејноста.

За законот се гласаше двапати, откако првото беше поништено поради недоволен кворум. Никола Мицевски од опозициската ВМРО-ДПМНЕ недоволниот број пратеници од власта го оцени како декларативно залагање за излегување во пресрет на пазарџиите кои се противеа на новините во законот и најави поддршка од ВМРО-ДПМНЕ со што ќе се овозможи одложување на примената.

– Ова требаше да се направи минатата година кога го донесовте законот без присуство на опозицијата, јавноста не беше запознаена затоа што немаше кој да изреагира. Кога излегоа подзаконските акти тоа можеа да го видат пазарџиите и излегоа со  реакции. Имате повторно една избрзана мерка што не ги решава проблемите на пазарџите кои протестираат за ова штетно решение на СДСМ и ДУИ. Вие го одложувате законот и не ги решавате проблемите на граѓаните, рече Мицевски.

Според Ејуп Алими  од ДУИ,  можноста за спроведување на законот била отежната и оти има потреба од поширока дебата со кое ќе се најде решение според потребите на трговците на зелените пазари.

– Направена е голема неправда кон трговците кои се занимаваат со оваа дејност и треба сериозно да се замислиме дали да ја дозволиме оваа анархија од организиаторите на зелените пазари на оваа најсиромашна категорија  во општеството месечно да им се зема по  100 – 200 евра за една тезга и тие да не се пријавени  во државните институции и по долг временски период на крај да останат и без пензија, рече Алими.

Во реплика Диме Велковски од СДСМ, рече дека се излегува во пресрет на пазарџиите и оти ќе се носи законско решение со кое ќе бидат задоволни сите засегнати страни.

–  До 1 јануари 2020 година се обврзавме сите, се надевам и вие, дека заедно ќе донесеме решение со кое сите страни во овој  случај – организаторите на пазари, пазарџиите, прекупците,  производители, но пред се консументите на пазарот, да бидат задоволни. Ова законско решение сметаме дека тоа не го направи, рече Велковски,

Пратениците го донесоа и Законот за изменување и дополнување на Законот за основање на Агенција за поттикнување на развојот на земјоделството, со кој се овозможува директорот на Агенцијата да има заменик.

– Целта е да се овозможи директорот на Агенцијата да има заменик и ќе се овозможи да го заменува директорот на Агенцијата во случај кога тој е отсутен или кога поради болест и други причини не е во можност да ја врши својата функција, стои во образложението на законските измени, изгласани по скратена постапка, на предлог на пратениците од СДСМ и ДУИ.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ оценија дека Владата преку пратениците ги предлага непопуларните одлуки и оти вработувањето заменик директор во Агенцијата повлекува зголемени трошоци. Наспроти нив, пратенците од парламентарното мнозинство сметаат дека треба да се зајакнат капацитетите на Агенцијата за правилна распределба на финансиите за поддршка на земјоделците.

– Ова е непопуларна одлука на товар на земјоделците и сите граѓани. Новиот заменик директор ќе зема минимум 50 илјади денари што е спротивно на ветувањата на новата Влада, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Димитар Стевананџија.

Според Татјана Прентовиќ од СДСМ,  агенцијата е исклучително важна институција што треба да се зајакне и кадровски и технички за да дава совети на земјоделците со што финансиската поддршка за нив ќе се искористи на правилен начин.

– Бројот на вработените во Агенцијата веќе 21 година е намален, има осумдесет советници, а 44 дисперзирани подружници. Не само што се намалени човечките капацитети, туку и техничкиот  потенцијал. Сметаме дека треба да се зајакнат капацитетите на Агенцијата и на менаџерскиот кадар и да дава советодавни услуги на земјоделците. Недозволиво е по 30 години приносите да бидат помали од претходниот период, рече Прентовиќ.