Одбојката е женски спорт, но немаме репрезентација поради финансиите

42

Ако можеме да се пофалиме со историски пласман на македонските одбојкари на Европско првенство годинава, тоа никако не е случај со женската репрезентација која цели осум години нема ниту “помирисано# квалификациски циклус за пласман на голем собир. Последен пат македонската женска репрезентација учествуваше во квалификациите за СП во 2010/11 година, каде што ги загуби сите натпревари. Оттогаш, пак нема ниту трага ниту глас за репрезентацијата која можеби ќе беше постојан учесник на големите собири, ако се има предвид дека соседните држави,  Србија, Бугарија, па и Хрватска, се далеку напред, иако во таа 2011 година беа рамо до рамо со нас.

За тоа дали има квалитет и дали се вложува доволно во женската одбојка, се со цел да се изгради репрезентација, за дневниот весник „Вечер# зборуваше тренерот на женскиот тим на Работнички, Горан Славков. Тој со своето искуство, кое е стекнато низ илјадници натпревари во домашниот шампионат и многу години минати во одбојката, смета дека финансиите се главниот проблем околу создавање на репрезентативен тим, а воедно и условите во македонската одбојка се навистина катастрофални. За оваа негова констатација можевме и самите да се увериме на четврт-финалниот дуел  од Куп натпреварот меѓу женските тимови на Работнички и УГД Студент, кој се одигра во четвртокот, во ладна и несоодветна сала.

Македонската јавност речиси и да не се сеќава кога последен пат женската одбојкарска репрезентација била дел од квалификациите за Европско или Светско првенство. Зошто е тоа така, дали нема квалитет за да се направи репрезентација или, пак, не се вложува доволно во женскиот национален тим?

Последен пат македонската репрезентација има учествувано во квалификациите за СП во 2010/11 година. Тогаш се натпреварувавме во Црна Гора, каде што ги загубивме сите натпревари. Игравме против селекциите на Хрватска, БиХ и Црна Гора, меѓутоа тоа беше еден циклус каде што немавме доволно подготовки, ангажман, во однос на Федерацијата и стручниот штаб. Поради тоа не можевме да покажеме одреден квалитет кој постоел и постои на нашиве простори. Тоа воедно беше последен пат каде што нашата женска репрезентација учествуваше на едни квалификации за Европско или Светско првенство. Поради тоа во моментов не знаеме до кое ниво е нашата одбојка. Евидентно е дека женската одбојка има експанзија во нашата држава, тоа е спорт број еден за женската популација. Се надевам дека од тој квантитет ќе излезе квалитет. Меѓутоа, за да почнеме еден квалификациски циклус, треба да се ангажираме и ние спортските работници, но исто така и Федерацијата, да се направи план и програма со која во наредниот период, од четири до шест години, како кај олимпискиот циклус, ќе има одредени цели да се направи селекција. На оваа програма од Федерацијата ќе треба и клубовите да се приспособуваат на зацртаните планови. Тоа ќе биде нешто ново за сите кои се дел од репрезентацијата, почнувајќи од стручниот штаб, па се до одбојкарките. На почетокот сум сигурен дека ќе биде тешко, но со добра организација, целосна посветеност и на тренерите и на одбојкарките, добра програма, ние можеме за кус период да се приклучиме кон европската елита. Ако се споредуваме со соседните држави, можам да кажам дека нашиот квалитет е многу близу до нивниот, што значи дека иднината во македонската одбојка ветува.

Сведоци сме дека земјите околу нас, како Србија, Хрватска, Бугарија…, имаат доволно добро развиена женска одбојка. Што треба да направиме за да го популаризираме овој спорт, особено во женска конкуренција?

Евидентно е дека имаме квантитет и квалитет во женската одбојка. Меѓутоа, поради слабите финансиски вложувања на клубовите и Федерацијата, доаѓа до тоа девојките да доаѓаат во тимот и да плаќаат членарина, а да не добиваат соодветен тренажен процес. Токму од нив би можело да се извлечат одбојкарки кои со соодветна работа би можело да напредуваат многу. Поради тоа ќе кажам дека ни недостига квалитет во самите тренинзи, подобар стручен кадар, кој прво ќе биде дополнително едуциран, за да може младите категории да ги изведе на едно повисоко ниво, а потоа во младинските и кадетските категории да имаме подобри резултати. Кај нас најголем проблем се финансиите, бидејќи тренирањето на одбојка не се наплатува или се наплатува минимално во некои клубови. Токму поради ова, младите одбојкарки кога ќе наполнат 18-19 години одлучуваат да се занимаваат со овој спорт само рекреативно.

Каков е квалитетот во клубовите кои се натпреваруваат во Првата лига?

После многу години, за првпат во нашата лига некои од клубовите се засилија со странски одбојкарки. Во нашата лига претежно се девојчиња од 16 до 20 години. Исто така минимален е бројот на повозрасни одбојкарки. Во исто време истите и работат, а сето ова им е од ентузијазам и љубов кон овој спорт. Немаме финансиска поддршка во клубовите со кои би можеле да ги финансираме самите одбојкарки. Од оваа година некои од клубовите даваат одредена плата на одбојкарките, а се надевам дека во иднина ова ќе дојде на едно повисоко ниво и до израз ќе дојде и квалитетот, како и самата популаризација на одбојката.

Дали успехот на машката репрезентација, која се пласираше на ЕП, ќе придонесе да се подигне квалитетот на женската репрезентација во иднина?

Прво да им честитам на одбојкарите за историскиот пласман на ЕП. Тоа што тие го направија е еден мотив плус за сите одбојкарски работници, да се работи повеќе бидејќи сите заедно можеме да дојдеме до едно повисоко ниво каде што и Европа ќе не види. Меѓутоа проблемот е во нашата држава, бидејќи другите колективни спортови, како ракометот, фудбалот и кошарката, се далеку пофинансирани од одбојката и младите добиваат одредени бенифити од тие спортови. Поради тоа се почесто младите се насочуваат кон тие спортови за разлика од одбојката. Се се сведува на некоја финансиска основа. Има многу нестручни кадри кои отвораат свои школи за одбојка се со цел да дојдат до дополнителни финансиски примања.

Дали, според Вас, се потребни големи вложувања или, пак, може и со поскромни средства да се направи силна женска репрезентација?

Прво треба да се избере категорија која е најперспективна во моментов. Потоа да се направи долгогодишен план кој ќе се спроведе на 20 девојчиња кои би биле потенцијални репрезентативки. Исто така, тие ќе треба повеќе пати годишно да бидат заедно, се со цел да се запознаат што подобро, бидејќи во екипните спортови мора да дејствувате колективно, треба секој „да знае како диши другиот#. Тие треба да бидат како едно семејство што ќе ја има својата блискост, а од друга страна Федерацијата треба да дејствува така што ако нема стручен кадар во нашата држава да најде соодветни тренери од странство се со цел да се изгради здрав столб на репрезентацијата. Истиот тој стручен кадар ќе мора да се придржува до строго зацртаната програма од Федерацијата, се со цел да дејствува кон развојот на репрезентацијата. Мора да биде на едно повисоко ниво поради кое нашите тренери ќе се надградат себеси за да го подигнеме нивото на квалитет и тој предизвик за ЕП или СП да ни биде на дофат. Сепак, ова не се мали финансиски средства кои државата треба да ги обезбеди за федерацијата. Тоа е процес од повеќе години во кој ќе има натпреварувања надвор од државата, добри и квалитетни подготовки, како и низа други работи. Со самото тоа и клубовите ќе се искачат на едно повисоко ниво, и воедно ќе вадат млади и квалитетни репрезентативки.

За крај, кои се Вашите очекувања од машката одбојкарска репрезентација на ЕП кое ќе се одржи годинава?

Сепак, сметам дека сме во многу тешка група. Имаме противници кои до сега се чест учесник на многу европски и светски првенства. Ние сме дебитанти, па затоа велам дека психолошкиот пристап е многу важен на ваквите големи собири, а најважно од се е физичката подготовка на одбојкарите, затоа што тоа се мечеви на кои го даваш максимумот, а од друга страна за краток временски период играш многу натпревари, многу брзо се трошиш. Исто така мора да има хемија меѓу играчите. Важно е и скаутирањето на играта на противникот, односно да се процени од каде можеме најдобро да дејствуваме за освојување на поен. Доброто анализирање на противникот може да ни донесе поволен резултат. Нормално, како и сите останати, посакувам од срце да се покажеме во најдобра светлина.

Кристијан ТРАЈКОВСКИ

ФОТО: Ѕ. Плавевски