Одбележување 65 години Институт за македонски јазик “Крсте Мисирков“: Најефикасната одбрана на македонскиот јазик е неговото научно истражување

141

„Речникот на македонскиот јазик, Правописот на македонскиот литературен јазик, Толковниот речник на македонскиот јазик… се дел од најзначајните национални проекти на Институтот на кои тој од своето основање до денеска неуморно работи“, рече Елена Јованова- Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик “Крсте Мисирков“ на одбележувањето на 65 годишнината од неговото основање, а кое се реализира во рамки на Отворените денови на Институтот (5-9 ноември)

“Институтот за македонски јазик во своето постоење израсна во светски центар за изучување на македонскиот јазик, а преку трудовите што се појавуваа во минатиот период, во еминентен славистички центар. Речникот на македонскиот јазик, Правописот на македонскиот литературен јазик, Толковниот речник на македонскиот јазик… се дел од најзначајните национални проекти на Институтот на кои тој од своето основање до денеска неуморно работи#, рече Елена Јованова- Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик “Крсте Мисирков“ на одбележувањето на 65 годишнината од неговото основање, а кое се реализира во рамки на Отворените денови на Институтот (5-9 ноември).

Таа воедно спомена и дека денеска во Институтот се работи на неколку важни проекти од македонистиката, иако веќе десет години нивното финансирање е прекинато. Во меѓувреме излезени од печат се и Толковниот речник на македонскиот јазик (6 тома) и подновениот Правопис на македонскиот јазик.

Во своето обраќање по повод големиот јубилеј, Јованова- Грујовска потсети на историјата на оваа научна институција, од нејзиното основање во 1953, истакнувајќи ги и првите нејзини основоположници меѓу кои Крум Тошев, Трајко Стаматоски, Олга Иванова, Васил Дрвошанов, Марија Коробар-Белчева…, но даде осврт и на нејзиниот развој посочувајќи ги успесите, достигнувањата, како и предизвиците со кои се соочувал Институтот во текот на годините.

“И најубавата зграда е пуста без луѓе. Неполна година со нас е младиот научен работник примен по пауза од 19 години, а уште чекаме врабоување на доктори и асистенти“, додаде таа истакнувајќи дека вработените во Институтот пред се се патриоти бидејќи иако со години ниту им се финансираат проекти, ниту им се зголемиле платите, тие упорно објавуваат резултати од проектите и пишуваат книги со цел проучување, афирмација и промоција на македонскиот јазик.

На вчерашното одбележување на 65 годишнината од основањето на Институтот за македонски јазик се обратија и министерот за култура, Асаф Адеми, министерот за образование и наука Арбер Адеми, претседателот на Македонската академија на науките и уметностите Таки Фити, ректорот на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ Никола Јанкуловски, како и поранешниот долгогодишен директор на Институтот за македонски јазик Трајко Стаматоски.

“Јазикот е значаен сегмент од целокупното културно наследство на еден народ. Македонскиот јазик е дел од нашето богато наследство. Владата на РМ донесе одлука со пакет од 11 мерки за унапредување на македонскиот јазик, а беа подготвени и усвоени законски измени во Законот за употребата на македонскиот јазик. Во оваа смисла, би сакал да го изразам моето уверување дека и во иднина со поддршка на Институтот за македонски јазик ќе реализираме бројни проекти со кои ќе го демонстрираме нашиот однос кон јазикот, неговата заштита и промоција“, истакна министерот за култура Адеми.

Свое излагање за најзначајните македонисти Крсте Петков Мисирков и Блаже Конески, а по повод 115 години од излегувањето на книгата “За македонцките работи“ и 25 години од смртта на Конески имаше и долгогодишниот научен соработник Марија Коробар-Белчева. Таа даде поширок осврт за нивното големо значење како научни дејци, основоположници на стандардниот македонски јазик, кој е еден од најважните сегменти за македонскиот идентитет и народ.

“Најефикасната одбрана на македонскиот јазик е неговото научно истражување од страна на компетентни научници“, порача претседателот на МАНУ Таки Фити четитајќи го значајниот јубилеј – 65 години на плодна научно-истражувачка работа на Институтот за македонскиот јазик којшто од денес до 9 ноември ќе биде домаќин на Меѓународната научна конференција “Јазик и култура – состојби и предизвици“ со 30-тина научници од странство. (Н.И.Т.)