Одбележани 148 години од раѓањето на Гоце Делчев

38

Делчево денеска ја одбележа 148-годишнината од раѓањето на патронот на градот, Гоце Делчев, идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно национално ослободително движење кон крајот на 19 и почетокот на 20 век.

По тој повод во организација на Општина Делчево, пред споменикот на револуционерот во центарот на градот се поклонија и цвеќе положија претставници на Општината, на политички партии, институции и здруженија на граѓаните. Во рамките на одбележувањето членовите на КУД „Гоце Делчев“ прочитаа реферат за животот и делото на Делчев.

Градоначалникот Горан Трајковки истакна дека Делчево со гордост го носи името на македонскиот револуционер.

– Гоце Делчев зазема врвно место во историјата на македонското национално ослободително и револуционерно движење. Како следбеници на неговиот лик, работиме да ги промовираме неговите заложби, да го изградиме нашиот град како достоен носител на неговото име. Тој станал вистински изразител на стремежите на поробениот македонски народ за слобода, кој го гледал светот како поле за културен натпревар на народите. Како таков, тој останал и во сеќавањата на македонскиот народ – истакна Трајковски.

Во рамки на настанот неколку песни посветени на великанот Делчев и неговото дело прочита роднокрајниот автор Васил Маневски, кој најави дека заедно со Општината се прават напори за возобновување на манифестацијата „Гоцеви денови“.