Одамна веќе не тече млеко во државата, а ќе нема ни од каде да се наточи

Млекопроизводителите велат дека состојбата е сериозна и оти наскоро ќе нема млеко во маркетите, а тоа што ќе го има – ќе биде по повисока цена. Од година на година, домашното производство опаѓа, но оваа година падот е драматичен. Се губи интересот кај младите да се занимаваат со оваа професија, сточната храна е многу поскапена, а трошоците зголемени. И сточарите потврдуваат дека секоја година се намалуваат стадата, во државата има сè помал број фарми, количините млеко се намалуваат, а цената на млечните производи расте. Сточарите се жалат дека трошоците за одгледување се сè повисоки и ја надминуваат добивката, а младите масовно ги продаваат стадата и се иселуваат

317

На Македонија ѝ се заканува млечна криза. Млеко има сè помалку, а ќе нема ни од каде да се увезе. Млекопроизводителите велат дека состојбата е сериозна и оти наскоро ќе нема млеко во маркетите, а тоа што ќе го има – ќе биде по повисока цена. Од година на година, домашното производство опаѓа, но оваа година падот е драматичен. Се губи интересот кај младите да се занимаваат со оваа професија, сточната храна е многу поскапена, а трошоците зголемени.

И сточарите потврдуваат дека секоја година се намалуваат стадата, во државата има сè помал број фарми, количините млеко се намалуваат, а цената на млечните производи расте. Сточарите се жалат дека трошоците за одгледување се сè повисоки и ја надминуваат добивката, а младите масовно ги продаваат стадата и се иселуваат.

Овој проблем во државата постои веќе 5-6 години, а државата нема стратегија за негово решавање. Поради тоа, не е ни чудо што цената на останатите млечни производи не прекинува да расте.

– Бројот на овци драстично се намали последниве 5-6 години. Нема овци, нема доволно количини млеко и сето придонесе да се качат цените на млечните производи. Цената на чистото овчо сирење без додатоци моментално е 500 денари, но ќе почне да се продава по 700, а урдата, која сега е 200-250 денари, ќе се продава за 300-350 денари за килограм – вели за весникот ВЕЧЕР Митко Јанков, претседател на Здружението „Агроцентар“.

Според него, цените на млечните производи нема да престанат да растат, бидејќи домашното производство на млеко се намалува, а младите не сакаат да работат и да продолжат со сточарството.

– Се продаваат цели стада овци, младите не сакаат да се занимаваат со сточарство и масовно се иселуваат. Оваа генерација овчари, кои се стари околу 50 години, ќе биде и последна што одгледува овци. И покрај тоа што подолго време постои овој проблем, државата нема стратегија за негово решавање – објаснува Јанков и додава дека доцнењето на субвенциите придонело проблемот дополнително да се продлабочи и да ја намали работната сила во сточарството.

Слична е состојбата и кај производителите на кравјо млеко, каде што производителите, исто така со години, алармираат за проблемот со недостигот на млеко. Многумина се откажуваат и ги продаваат кравите.

Познавачите на состојбите на пазарот коментираат дека, освен на одмрзнувањето на цените, поскапувањето на млечните производи се должи и на дополнителни давачки од страна на трговците. На тој начин тие сакаат да ги компензираат загубите што ги претрпеа поради мерките и покрај тоа што сите мерки беа на товар на млекарниците, а трговците си остваруваа профити.

Во маркетите, освен млекото, кое се продава од 70 денари, па нагоре за литар, поскапени се и млекото, сирењето, урдата, кашкавалот…

Производителите не знаат какви мерки ќе преземе државата за решавање на млечната криза, но очекуваат кризата да се продлабочи следниот месец. Премиерот најави дека ќе имаме проблеми со млекото поради војната во Украина, а се очекува Владата да донесе одлука за да се реши недостигот на млеко.

(А.С.)