Овој викенд фестивалски спектакл во Штип: 1,2,3… И “Макфест 2021“ може да почне!!!

130

За разлика од првата вечер, на втората фестивалска вечер ќе пеат и оние попопуларните, докажаните: Ѓоко Танески, Роберт Билбилов, групата “Интервали“, Александра Јанева, Мартинијан Кириловски….                                                      “Само уште да се вклучат камерите на Македонската телевизија и сè да си биде како што треба”, вели за весникот ВЕЧЕР, уметничкиот директор Владимир Дојчиновски-Дојчин.

(Дуле Миќиќ)

На сцената на овогодишниот штипски “Макфест“ нема да ги видите некои од поранешните учесници и победници од некогашна Југославија, како на пример Марина Перазиќ, Слаѓана Милошевиќ, Мери Цетиниќ, Иво Патиера, Зорица Конџа или Хелена Благне, но вистина е дека и без нив публиката ќе ужива во новата фестивалска програма која воглавно ја сочинуваат новите македонски естрадни ѕвезди во најава. Па, така, на првата фестивалска вечер на 17 септември меѓу другите ќе пеат и: Анастазија Голчева, Калина Велковска, Александар Тодоровски, Марија Данева како и Александар Јосифовски, охридскиот рокер кој нам ни е добро познат од “Ѕвездите на Гранд“. Сепак, доколку овие имиња ништо не ви значат, за голема среќа на втората фестивалска вечер ќе пеат и оние популарните, докажаните: Ѓоко Танески, Роберт Билбилов, групата “Интервали“, некогашните победници Александра Јанева, Мартинијан Кириловски….

Се очекува Фестивалот и оваа година да додели неколку парични награди за победниците, според гласовите на публиката и жирито. Вкупно ќе има дваесет и шест песни кои ќе бидат изведени на отворено, и поради запазувањето на корона-мерките, на сцената на “Аква бела ресорт“ што уште од минатата година се покажа како одлично решение. Веруваме дека и утешните, но исто така многу значајни и вредните награди „Душан Љубисављевиќ“ во чест на Дуле, кој настапуваше на „Макфест“ како дел од дуото Дуле и Коки, како и „Драган Каранфиловски-Бојс“ ќе заминат во вистинските раце…
– Фестивалот е сосема подготвен, само уште да се вклучат камерите на Македонската телевизија и сè да си биде како што треба, да добиеме нови хитови, онака како што му доликува на најдобриот македонски фестивал, вели за весникот ВЕЧЕР, уметничкиот директор Владимир Дојчиновски-Дојчин. За комуникацијата со новинарите и медиумите задолжен е долгогодишниот “стар макфестовски волк“ Трајче Јованов, а во шоу програмата овој пат ѕвездите се дуото “Дац и Александар“, чиј настап нема да помине без “Вакцина – Ангелина“ и “Корона чао“.