„Ова не е природно, а можеби е прекасно“: На Земјата се појавуваат џиновски пукнатини/ФОТО

14216
Фото: X (Twitter) Mick Ross @mickster

– Ако црпиме премногу вода од подземните резервоари под површината, тоа предизвикува попуштање на земјата и создавање такви пукнатини – изјави за „Инсајдер“ Џозеф Кук, кој ги истражува пукнатините на Земјата во Геолошкиот институт во Аризона.

Тој посочи дека пукнатините не се природна појава.

– Ние го предизвикавме нивното формирање – рече Кук и додаде дека пукнатините се знаци на напнатост на Земјата.

Пукнатините опкружуваат големи површини почва што потона кога ја изгуби поддршката од подземните води. Тие обично се појавуваат во долините меѓу планините и можат да ги оштетат домовите, патиштата, каналите и браните, како и да загрозат други имоти, добиток и луѓе.

Аризона е свесна за овој проблем и го следи од најмалку 2002 година. Државниот геолошки институт моментално има вкупно означени 270 километри пукнатини.

Неодамнешната истрага на Њујорк Тајмс покажа дека пукнатините се доказ за национална криза.

Весникот ги истражуваше нивоата на водата на десетици илјади локации низ САД и објави дека таканаречените водоносни слоеви, кои снабдуваат околу 90 отсто од водните системи во Америка, се толку исцрпени што можеби нема да можат да се обноват.

Количината на вода на речиси половина од набљудуваните локации значително се намали во текот на изминатите 40 години. Нивоата на водата во четири од 10 локации го достигнаа најниското ниво во последната деценија, предизвикувајќи намалувањето на подземните води да го надмине надополнувањето во САД, објави весникот.
Веројатно ќе бидат потребни неколку векови за да се обноват подземните резервоари за вода, ако воопшто е можно, вели Њујорк Тајмс.

За некои локации нема спас

Кук тврди дека на некои локации во Аризона нема спас.

– Употребата на вода во САД беше толку конзистентна и екстремна што не оставивме доволно време дождовницата да ги надополни подземните акумулации.

– Кога ќе се додадат климатските промени, веќе имаме криза – изјави за Њујорк Тајмс Варија Бауман, професорка по вода на Универзитетот во Тулса.

Недостаток на регулативи

Како што растат глобалните температури, реките се намалуваат, принудувајќи ги земјоделците уште повеќе да се потпираат на резервите на подземните води за слатка вода. Еден од најголемите проблеми во справувањето со прекумерното пумпање е недостатокот на регулатива во САД. Федералната влада нема речиси никакви регулативи против пумпање на подземните води, а поединечни држави имаат слаби закони кои варираат од регион до регион.

Аризона не е исклучок.

– Ако не ги промениме нашите навики и не дозволиме подземните извори да се регенерираат природно, тие пукнатини ќе продолжат да растат. Сè додека користиме повеќе од она што е природно надополнето, ќе го имаме овој проблем“, рече Кук.