Откако Македонската одбојкарска федерација (ОФМ) му даде отказ на селекторот Никола Матијашевиќ и го назначи Душко Николиќ, најдобриот одбојкар и воедно капитен на репрезентација, Никола Ѓорѓиев, имаше жестока реакција за промената во стручниот штаб.

Изненадувачката вест која излезе во јавноста, со оглед на успесите кои ги постигна македонската одбојкарска репрезентација под водство на Матијашевиќ, придонесе нашиот капитен да удри со „камења“ по раководните лица на ОФМ.

  • Срамота и гревота. Две Европски првенства… Пред четири години сонувавме за Европско првенство. Изгледа со некои луѓе од ОФМ се е можно. Браво, напиша иронично Ѓорѓиев на социјалните мрежи.

Причина за отказот, како што велат од ОФМ, е освоеното второ место во Европската сребрена лига, иако „Спартанците“ важеа за фаворити за златото.

Покрај Матијашевиќ, ОФМ ја прекина соработката и со селекторот на женската репрезентација за одбојкарки до 19 години – Ненад Михајловиќ.

  • Извршниот одбор на Одбојкарската федерација на Македонија донесе одлука да ги промени селекторите на машката сениорска и на женската репрезентација за одбојкарки до 19 години. По анализата на настапите и на резултатите во Европската сребрена лига 2021, во којашто македонскиот национален тим не успеа да го освои златниот медал, иако финалето го играше на домашен терен, челниците на ОФМ ја прекинаа соработката со Никола Матијашевиќ и решија да му го доверат кормилото на репрезентацијата на неговиот досегашен асистент Душко Николиќ. Извршниот одбор на ОФМ го констатираше придонесот на Матијашевиќ во остварувањето на досегашните цели, но исто така ја истакна потребата од промена пред учеството на Европското првенство во септември во Тампере. Назначувањето на Николиќ ќе значи постојаност во работата на репрезентацијата, но од друга страна ќе овозможи и нов пристап во подготовките за нашето второ учество на континенталните самити. Промена има и кај јуниорките кои се подготвуваат за Европското првенство наредната година кај нас. Извршниот одбор на ОФМ го разреши српскиот стратег Ненад Михајловиќ, кој го почна процесот на формирање на репрезентацијата за одбојкарки до 19 години, но немаше соодветни резултати на неколку подготвителни турнири. За наследникот на Михајловиќ, Извршниот одбор ќе решава дополнително, се вели во соопштението на ОФМ.

Тоа значи дека новиот селектор Душко Николиќ ќе ја води Македонија на Европското првенство во септември годинава.