Ковид влегува во ендемска фаза, вакцинацијата во иднина ќе биде неопходна само за најзагрозените, а паралелната појава на грип и ковид нема да биде страшна.

Вака започнува големата анализа на новинарот на Би-Би-Си, специјализиран за здравство и наука, Џејмс Галагер, кој одговори на најчесто поставуваното прашање во последните две години „Кога конечно ќе можеме да почнеме да живееме нормално?„ тој вели – „Многу брзо“.

Се повеќе расте уверувањето дека Омикрон ја турка Велика Британија кон самиот крај на пандемијата. Но, што е следно? Вирусот нема магично да исчезне. Наместо тоа, ќе треба да се навикнеме на новиот се поприсутен збор – „ендемичен“, што всушност значи дека Ковид дефинитивно останува со нас, пишува Би-Би-Си, а пренесува Јутарњи лист.

Дали навистина сме на работ на нова ера на Ковид и што ќе значи тоа за нашите животи?

„Речиси сме таму, ова е почеток на крајот, барем во Британија“, вели професорот Џулијан Хискокс, раководител на Одделот за заразни болести и глобално здравје на Универзитетот во Ливерпул.

„Мислам дека нашите животи во 2022 година речиси целосно ќе се вратат во времето пред пандемијата“, додаде тој.

Она што се менува е нашиот имунитет. Новиот коронавирус се појави пред две години во Вухан, Кина, и тогаш бевме ранливи. Тоа беше сосема нов вирус со кој нашиот имунолошки систем немаше контакт и немавме вакцини или лекови кои би можеле да помогнат во борбата против него. Резултатот беше како „некој да пукал од пламенофрлач во фабрика за пиротехника“. Ковид експлозивно се прошири низ светот, но пожарот што тој го предизвика не може вечно да гори со ист интензитет.

Од самиот почеток, имаше две опции – или ќе го уништиме ковид, како што беше направено со еболата во Западна Африка, или ќе се помириме, ќе остане со нас на долг рок и ќе се придружи на низата ендемични инфекции – од обична настинка до ХИВ, мали сипаници и маларија до туберкулоза – кои се секогаш присутни.

Неизбежна опција

За многумина, оваа втора опција – со оглед на тоа дека се работи за вирус кој се шири низ воздухот, дури и пред да се појават симптомите кај заразените – изгледаше неизбежна од самиот почеток.

„Ендемичноста е вградена во овој вирус“, вели д-р Елизабет Гропели, виролог од Универзитетот Сент Џорџ во Лондон.

„Јас сум голем оптимист. Наскоро ќе бидеме во ситуација во која вирусот циркулира, притоа да се грижиме за заштита на најзагрозените, а ќе прифатиме дека сите други ќе бидат заразени. Ништо нема да се случи со просечниот човек, објасни д-р. Гропели.

Епидемиолозите обично сметаат дека инфекцијата е ендемична кога нејзиното ширење е постојано и предвидливо, без ненадејни експлозии на „случаи“ како што видовме во различните бранови на оваа пандемија.

Но, професорката Азра Гани, епидемиолог на Империјал колеџот во Лондон, вели дека другите луѓе користејќи го терминот „ендемичен“ мислат на живот со Ковид, но без ограничување. Таа мисли дека до тоа ќе стигнеме „многу брзо“.

Единственото нешто што може да го наруши овој развој е појавата на нова варијанта на коронавирусот која би можела да ја преземе доминацијата на омикрон и да предизвика значително потешки клинички слики.

Важно е да се каже, забележува Гани, дека ако инфекцијата е ендемична, тоа не мора да значи дека болеста е блага.