„Ова е пекол, се топи опремата за гаснење“: Чадот од пожарот во Осиек се гледа и од сателит/ФОТО

503

Набљудувачот од Државниот хидрометеоролошки завод на Хрватска, Иван Бабоселац, на својот Фејсбук профил објави дека чадот од пожарот во Осиек се гледа од сателит и дека тој преминал во Босна и Херцеговина. Тој објави и фотографии од Градиште во Вуковарско-сремската жупанија на кои се гледа чад, а објави и фотографија на која се гледа чад од пожарот на сателит.

Синоќа огромен пожар избувна во погонот на осиекската компанија „Драва интернационал“ во близина на приградската населба Бријест. Во цел Осиек се чувствува миризбата на чад, а се шири и во околните места. Гори пластиката складирана на отворен простор, а опасноста за луѓето и околината е голема, па на жителите од околината им било кажано да ги затворат прозорците и да не излегуваат надвор, а во некои училишта наставата е прекината.

Пожарот ја зафатил пластиката складирана на неколку илјади метри квадратни, се уште не е под контрола, а утрово се проширил и на производствениот капацитет на фабриката.

На терен се јавните противпожарни станици Осиек и Бели Манастир, како и 21 доброволно противпожарно друштво од областа Осиек и неговата околина. Брзата помош неколкупати интервенирала.

„Пожарот е активен, и сигурно ќе биде активен цел ден. За два-три часа ќе пристигне ново средство со кое ќе се обидеме да го забавиме, додавајќи го алатот на противпожарните возила“, изјави Славко Туцаковиќ, главен командир на пожарникарите.

Пожарникарите претходно за локалните медиуми изјавија дека се работи за пекол каков што досега не виделе и дека нивната опрема се топи.