Објавивме сè што знаевме за случајот со Мартин Нешковски

53

Сето тоа што сум го знаел, и сум го објавил на еден транспарентен начин, секојпат кажувајќи за сите детали, рече премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање за објавениот аудио разговор во врска со убиството на Мартин Нешковски. Секогаш кога има пакет на разговори или „бомби“, рече Заев, кажуваме само дел од разговорот, а постојат уште разговори поврзани околу одреден момент.

– Ние поседуваме само една третина од тие разговори. Имајќи ја предвид динамиката по датумите кога тие се одвивале од целиот овој период 2008 до 2014 година верувам дека многу разговори постојат кои опозицијата некојпат ги поседувала, така да автентичноста се знае кој може да ја покрие, да ја потврди и треба да се каже дали е тоа тоа, одговори премиерот Зоран Заев.

Изјавата на Заев следува откако претходно експремиерот Никола Груевски повторно се огласи преку Фејсбук од каде ги искритикува Заев и неговата партија дека манипулирале со снимките од „бомбите“ кои во 2015 беа објавувани за Мартин Нешковски, Никола Младенов и Смилковското Езеро.

Груевски особено се осврнува на снимката од неговиот разговор со поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во врска со убиството на Мартин Нешковски.

 -Монтираниот аудио материјал за убиството на Мартин Нешковски имаше цел да биде најемотивната „бомба” чија „експлозија” требаше да ги извади луѓето на улица, во шатори пред владата и да предизвика насилни протести со многу повредени полицајци, со цел кулминација на политичката криза која ја создаде. Во таа криза ја гледаше својата шанса за доаѓање на власт, бидејќи поинаку беше инфериорен и беше и остана неконкурентен политичар надвор од локалното ниво, по речиси сите критериуми, пишува Груевски преку својот пост на „Фејсбук“ во кој алудира на актуелниот премиер Заев.