Објавен записникот за МНТ: „Шверцери“ направиле вкупна штета од 4.000 евра, имало и дупки од отпушоци

42

Премиерот Зоран Заев денеска на пратеничко барање во Собранието го прочита записникот од направената штета во Македонскиот народен театар од страна на навивачката група „Шверцери“ при одбележувањето на јубилејот на ФК Шкупи и објави дека вкјупната штета е 4.000 евра која ќе си ја плати одговорниот што дополнително треба да биде утврден.

Шефот на македонската Влада прочита искршени столици, наслони, пет парчиња откорнат тапацир, скршени ногарки, оштетен парапет на првата и на втората галерија, откорнати орнаменти, пштетени пет парчиња подни светилки и оштетени теписони од отпушоци.

„Има штета, но духовната е поголема. Се знае под какви околности се користи театарот.  Кога ќе поминат постапките ќе има дел на поединечна одговорност. Одговорното лице ќе си ја плати, но одговорност ќе има и за духовната штета. Не смее материјалните и духовните добра да бидат оштетени и омаловажени. Реакцијата од јавноста е духовната болка. Во театар сакаме да видиме конзумирање на култура и вдахновение“, рече Заев од собраниската говорница.

Владата претходно формираше комисија од три члена за утврдување на штетата, а како организатор на настанот се смета дека е Министерството за култура. Директорката на МНТ претходно рече дека го одобрила овој настан откако и било кажано дека тоа ќе биде втор дел од одбележувањето на годишнината од Албанската азбука. (фото: Фактор)