Филмовите “Рома” на режисерот Алфонсо Куарон и „Омилената“ на Јоргос Лантимос се фаворити со по десет номинации, а сите кои влегоа во трката за ова признание кое ќе биде доделено во рамките на 91. церемонија на Оскарите, што ќе се одржи на 24 февруари во Лос Анџелес , беа обелоденети завчеравечер во преносот во живо од театарот „Семјуел Голдвин“ во Лос Анџелес. И годинава филмските приказни кои се борат за престижната статуетка опфаќаат широк спектар на теми, од социјални, до љубовни, музички…, па публиката и филмските критичари веќе имаат свои фаворити…
“Црниот пантер”,”Боемска рапсодија”,”Омилената”, “Зелената книга”, „Рома“, “Ѕвездата е родена“, „Потпретседател“ и „Црниот припадник на Кју-клукс кланот“ се филмовите кои годинава ќе се натпреваруваат за најпрестижната филмска награда Оскар.
Филмовите „Рома“ на режисерот Алфонсо Куарон и „Омилената“ на Јоргос Лантимос се фаворити со по десет номинации, а сите кои влегоа во трката за ова признание кое ќе биде доделено во рамките на 91. церемонија на Оскарите, што ќе се одржи на 24 февруари во Лос Анџелес , беа обелоденети завчеравечер во преносот во живо од театарот „Семјуел Голдвин“ во Лос Анџелес.
И годинава филмските приказни кои се борат за престижната статуетка опфаќаат широк спектар на теми, од социјални, до љубовни, музички…, па публиката и филмските критичари веќе имаат свои фаворити…
Американската научно фантастична акција “Црниот пантер” во режија на Рајан Куглер, ги освои љубителите на Марвеловите суперхерои. Нема сомнеж дека Марвел ги слуша своите фанови, а “Црниот пантер” е еден од подобрите самостојни филмови на Марвел што не води во толку детално создаден свет, со толку многу богати ликови, што лесно можеме да се замислиме и самите меѓу нив. “Боемска рапсодија” на Брајан Сингер е филм кој го слави култниот бенд “Квин”, нивната музика и нивниот неверојатен водечки вокал Фреди Меркјури кој почина од сида, а кој во ова остварување извонредно го “преслика” актерот Рами Малек.
Филмот зборува токму за годините што водат до легендарниот перформанс на Квин на концертот „Ливе Аид“ во 1985 година. “Зелената книга”, комедија -драма на Питер Фарели, пак, е приказна за патувањето и пријателството меѓу човек со „голема уста и цврсти тупаници“ од работничката класа од Њујорк и афро-американски пијанист. Дејствието е врзано за турнејата на црномурестиот пијанист (го глуми Махершала Али), и неговиот возач (Виго Мортенсен) кои патуваат по американскиот Југ во 60-тите години на минатиот век.
Во црно-белата драма “Рома”, режисерот Алфонсо Куарон се навраќа на корените и сопственото растење во Мексико Сити, особено на страдањата на жените во неговата најблиска околина. Филмот “Потпретседател” ја следи приказната за Дик Чејни- вашингтонскиот бирократ кој стана еден од најмоќните луѓе во светот и потпретседател на владата на Џорџ В. Буш. „Црниот припадник на Кју-клукс кланот“, како што укажува и самиот наслов, зборува за раните 70-ти години на минатиот век. Рон Сталворд е првиот детектив афро-американец во полицискиот одел во Колорадо Спрингс. Тој тргнува во опасна мисија да го разоткрие Кју Клукс Кланот… “Фаворитката” во режија на Јоргос Лантимос, пак, дава слика за раниот 18 век во Англија, за време на владеењето на кралицата Ана, како и односите на дворот и со нејзините придружнички Сара и Абигејл.
Осум номинации има филмот “Ѕвездата е родена” музичка драма во која Бредли Купер е и режисер и главен актер. Тој го глуми искусниот музичар Џексон Мејн (Бредли Купер), кој е склон кон пиењето. Тој ја открива младата уметничка Али (Лејди Гага) и се вљубува во неа. Али е пред одлука да се откаже од нејзините соништа за пејачка кариера, но Џексон ја убедува да го направи спротивното. И додека нејзината кариера оди кон ѕвездите, неговиот живот се распаѓа…
Останува на 24 февруари да видиме кој од овие филмови ќе успее да ја освои престижната награда од Американската академија за филмски уметности.
Номинирани во главни категории…
Во трката за најдобар режисер годинава се номинирани Алфонсо Куарон, за “Рома”, Бредли Купер (Ѕвездата е родена), Спајк Ли (Црниот припадник на ККК), Јоргос Лантимос (Омилената), Адам Мекеј (Потпретседател) и Павел Павликовски (Студена војна).
За најдобри главни машки улоги се номинирани Кристијан Бејл (Потпретседател), Рами Малек (Боемска рапсодија), Бредли Купер (Ѕвездата е родена), Виго Мортенсен (Зелената книга) и Вилијам Дефо (На портата на вечноста).
Кај актерките, пак, номинирани се Лејди Гага, за улогата во филмот “Ѕвездата е родена”, Јалица Апарисио (Рома), Глен Клоуз (Сопругата), Оливија Колман (Омилената) и Мелиса Макарти (Дали некогаш можеш да ми простиш?). За најдобар странски филм, пак, во трка се “Капернаум, “Студена војна”, “Крадци”, “Работа без автор” и “Рома“.