Објавена „Облици на моќ во современата книжевност“ од Калина Малеска

31

„Облици на моќ во современата книжевност“ е насловот на книгата есеи на Калина Малеска која излезе од печат во издание на издавачка куќа „Или-или“.

„Низ компаративна анализа на шест дела од современата литература: ‘Волшебникот’ од Џон Фаулс, ‘Деца на полноќта’ од Салман Ружди, ‘Кланица 5’ од Курт Вонегат, ‘Мојот Скендербеј’ од Драги Михајловски, ‘Мојата роднина Емилија’ од Влада Урошевиќ и ‘Она што беше небо’ од Владо Малески, авторката ги коментира облиците на моќ кои ги поседуваат ликовите во книжевноста и нивното влијание врз другите карактери, истовремено отворајќи и безброј други теми и релации поврзани со оваа“, посочува издавачот.

Калина Малеска е македонска писателка. Има објавено три збирки раскази „Недоразбирања“, „Именување на инсектот“ и „Мојот непријател Итар Пејо“; романите „Бруно и боите“ и „Призраци со срмени нишки“; драмата „Случка меѓу настани“ и книгата за деца „Арно ама“. Нејзини раскази и книжевни анализи се објавени во повеќе домашни и меѓународни списанија. Малеска предава на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Се занимава и со книжевен превод.