Објавена монографската публикација „Жељко Книвалд“

90

Од печат неодамна излезе монографската публикација „Жељко Книвалд“.

Станува збор за двојазично, македонско-англиско издание во кое детално и на интригантен начин се расветлува личноста и делото на втемелувачот на деветтата уметност на македонскиот културен простор.

Автор на публикацијата е стрип-хроничарот и сценарист Александар Стеванов, кој воедно се потпишува и како нејзин графички уредник, а предговорот за истата е дело на нашиот истакнат писател Томислав Османли.

Публикацијата „Жељко Книвалд“ излегува по повод јубилејот – сто години од раѓањето на титуларниот скопски стрип-пионер. Заедно со направената анализа на стрипот кој како ученик во скопската Втора машка гимназија го создава во учебната 1937/38 година, во неа е обработен и животот на Книвалд. Истражено е семејното потекло, годините поминати во Скопје и подоцнежниот живот во Хрватска, а за првпат се објавени и фотографии на кои се гледа како тој своевремено изгледал.

„Уверен сум дека во овој книжен портрет – со минуциозни и акрибични разгледи на личноста на младиот скопски стрип цртач Желимир Книвалд-Брацо, потоа истакнат хрватски фармацевт кого никогаш не го напуштила љубовта кон стрипот, карикатурата и илустрацијата – ќе ужива и секој негов читател и вљубеник во ’деветтата уметност‘, како што во неа, потсетувајќи се во возбудливиот предвоен и повоен живот на некогашниот скопски гимназист чијшто живот ме плени повеќе од три децении, уживав и јас“, ќе напише во предговорот кон оваа книга Османли.