Објавена монографијата „Дописниот шах во Македонија“

43

Во издание на „Бата прес“ деновиве излезе од печат книгата „Дописниот шах во Македонија“ од шаховскиот ФИДЕ мајстор, Љубомир Хаџи-Манев.

Монографијата која сведочи за големите успеси на македонските дописни шахисти до осамостојувањето на државата е објавена со поддршка на Министерството за култура, како проект од национален интерес од областа на издавачката дејност за 2021 година.

Според рецензентот Димитар Илиевски, интернационален шаховски мајстор, авторот во книгата дава појаснување за начинот како порано се играл дописниот шах, со напомена дека сега, со новата технологија, се промени и начинот на игра.

-Во посебен дел што се однесува на историјатот на дописниот шах, односно ’шах на далечина‘, авторот дава интересни податоци.

Дава појаснување за начинот како порано се играше дописниот шах, со напомена дека сега, со новата технологија, се промени и начинот на игра и дека дописниот шах е вистинскиот претходник на интернет шахот, во кој дневно на многубројните интернет мрежи, денес онлајн, во секој момент играат милиони играчи од сите меридијани и возрасти, пишува меѓу другото Илиевски, и додава дека „голем дел од шаховските партии презентирани во книгата, компјутерски анализирани со доста дијаграми и коментари, за читателот ќе претставуваат не само одреден историски документ, туку и своевиден учебник за новите генерации шахисти.“

Шаховскиот ФИДЕ мајстор и мајстор на дописен шах Љубомир Хаџи-Манев електроинженер-електроничар е роден 1944 година во Радовиш.

По дипломирањето во Загреб, работел во скопската телевизија и подоцна во словенечката фирма „Интертрејд“, која во Југославија била единствен застапник на тогаш најголемата компјутерска фирма во светот – ИБМ.

Тој е меѓу првите информатичари во земјава, што ги инсталираа и воведоа во употреба, во седумдесеттите и осумдесеттите години, компјутерските системи во поголемите претпријатија и банки низ републиката.

Коавтор е во стручниот дел на книгата „Димитар Илиевски – легенда на македонскиот шах“, а заедно со Илија Стошевски е приредувач на фототипското издание „Македонски шах“.

Извор: МИА