Панел „Итните мерки наметнати од Владите секогаш мора да подлежат на парламентарно одобрување и редовен преглед“
Почитувани воведничари,
Почитувани колеги, претседатели на парламенти,
Дами и господа,
Чест ми е да ве поздравам сите присутни тука од име на Собранието на Република Северна Македонија и од мое лично име и да го образложам моето гледиште во однос на воведните излагања на почитуваните колеги за итните мерки наметнати од владите и неопходноста од нивното подложување на парламентарно одобрување и редовен преглед. Живееме во навистина вонредни услови и секојдневни предизвици кои се разликуваат по својата природа, тежина, неочекуваност и способност за ширење, прелевање и влијание врз начинот на живот и функционирање на помали или поголеми групи на граѓани на светот, или пак имаат огромна разорна моќ врз целиот свет.
Тоа што не знаеме што не очекува во секој иден час, не значи дека не треба да бидеме подготвени да реагираме и да го дадеме соодветниот одговор. Иако, опасностите, предизвиците, колку и да се насетуваат, не можат до детали да се знаат, сепак е потребно да се има претходно подготвена законска основа која ќе го даде сиот потребен легитимитет на Парламентите и на парламентарците како легитимни претставници на народот за носење на тешките но неопходни одлуки.
Се разбира дека пандемијата со вирусот Ковид -19 не ја заобиколи ниту Република Северна Македонија, па и ние се соочивме со истите комплексни предизвици како и сите. Дополнително, во 2020 година, имавме предвремени парламентарни избори кои беа неопходни за нормалното функционирање на законодавниот дом, па во тој период, согласно Уставот, ингеренциите беа во рацете на Претседателот на државата за прогласување на вонредна состојба, или пак Владата, со усвојување на мерки за кризна состојба, со една единствена цел, да нема криза во функционирањето на државниот апарат со цел водење сметка за здравјето на нашите граѓани.
Сепак, едно мора да ни биде јасно, а тоа е дека, тие мерки не се, и не смеат да бидат ниту долгорочни, ниту постојани затоа што тоа би можело да резултира со ограничување на парламентарниот надзор, кој е пак суштински за еден здрав демократски систем. Нам ни е разбирливо ограничувањето на правото за собирање, со оглед на протоколите за социјално дистанцирање но, во исто време, мораме да бидеме внимателни да не дојде до злоупотреба на вонредните овластувања од страна на владите, нели? Надзорната улога на парламентите мора секогаш да се има на ум за да се запази транспарентноста, инклузивноста а во исто време почитувањето на демократските принципи со сите права, слободи и обврски кои се есенцијален дел на тие принципи.
Почитувани присутни,
Можеби пандемиската криза можеме да ја гледаме и како можност за воочување на слабостите кои постоеле меѓутоа не доаѓале до израз, и во иднина да водиме сметка токму тие слаби алки да ги зајакнеме и продолжиме напред со особен фокус на почитувањето на човековите права и слободи. Така ќе бидеме и посилни и поподготвени за идните предизвици.
Ви благодарам на вниманието!