Во Општинското основно училиште „Св. Климент Охридски“ во Драчево целосно е обновена училишната сала. Средствата ги обезбеди Општина Кисела Вода.
– Во изминатиот период течеа бројни градежни активности. Подот беше темелно реконструиран. Се постави нов буков паркет врз порамнителен слој, а потоа се изврши лакирање и обележување на спортскиот терен. По нивното израмнување, се изврши молерисување на ѕидовите во фискултурната сала и гардеробите. Беше изработен парапет со мрсна боја во висина од 210 см во фискултурна сала и 155 см во гардеробите. Се замени оштетениот дел од плафонот како и оштетените стакла на дел од прозорците. Потоа, радијаторите беа сервисирани со чистење и замена на вентилите, информираат од општина Кисела Вода.
Оттаму додаваат дека ова не се единствените градежни инвестиции на локалната самоуправа во насока на подобрување на условите во спортските училишни сали на територија на Општина Кисела Вода.
Претходно, нов подобрен лик и поголема функционалност доби и салата во ООУ “Кирил Пејчиновиќ”, додека во завршна фаза е изградбата на спортска сала во ООУ “Рајко Жинзифов-симбол на кинеско-македонскотo пријателство” во населбата Драчево која се гради преку соработката со Амбасадата на Народна Република Кина.