Денес изгледа како истокот и западот на Германија да се разбираат меѓусебно помалку од кога било. – Зошто Осите и Весите (истокот и западот) на Германија и натаму се разликуваат?

Утре, на 9 ноември се навршуваат 30 години од паѓањето на Берлинскиот ѕид. Овој историски настан има огромни импликации не само за Германија туку, исто така, за останатиот источен блок. Паѓањето на Ѕидот го пушти во движење доминото кое го иницираше обединувањето на двете Германии на 3 октомври 1990 година, како и разбивањето на еден од најбруталните режими во Источна Европа. Иако овој настан беше неочекуван, прогресивните Источни Германци знаеја дека времето изминува за нивната комунистичка земја. Економијата паѓаше. Земјите на Варшавскиот пакт беа разнишани, па дури и Москва повикуваше на реформи. Секако, обединувањето остави и длабоки последици за двете земји, Источна и Западна Германија.

На Источните Германци, или популарно наречени Оси, овој настан  практично им ги измени сите аспекти од животот – тие требаше да се адаптираат на животот на Запад, а не обратно. Од друга страна, пак, обединувањето овозможи нови позитивни промени, како, на пример, нови демократски права и слободи, што пак, ја поттикна загубата на сопственото социо-културно наследство и идентитет. Она што некогаш беше вредно, според правилата на нивната нова Германија, повеќе не важеше.

За Весите или Западните Германци, овој чин претставуваше обединување со нивните долго време загубени сонародници, и тоа ги чинеше многу, особено на економски план. По почетната еуфорија изразена од двете страни, Весите, кои практично ја покрија цената на обединувањето  и реконструкцијата на Источна Германија, почнаа да покажуваат огорченост кон Осите. Во меѓувреме, Осите, исто така, беа разочарани од западните сонародници поради изгубените надежи за подобар стандард и живот кои оптимистички беа ветувани од тогашниот канцелар Хелмут Кол.

Така, многу скоро стана очигледно дека постојат огромни културни различности кои се испречија меѓу двете страни и дека зад ладната површина врие и се шири  немир, огорченост, недоверба, лутина, безнадежност и страв. Клучните работи кои го продлабочуваат јазот меѓу Осите и Весите се однесуваа главно на тоа што Исток му замерува на Запад дека обединувањето започнало и завршило со “ура”  како и на невработеноста која беше многу покарактеристична во источниот дел од земјата. Запад, пак, се жалеше на источното ментално наследство – неработење, шпекулации и голем број ненаплатени зделки кои пред 1990 година биле непознаница.

И денес, 30 години подоцна, изгледа како истокот и западот на Германија да се разбираат меѓусебно помалку од кога било. Истокот е економски сѐ посилен. Тоа е заклучокот од редовниот извештај на германската влада за „состојбата на германското единство“. Во текстот пишува, меѓу останатото, и дека: „Спојувањето на Германија и изедначувањето на животните услови од повторното обединување видно напреднале“.

Меѓутоа, политички и емотивно изгледа дека поделеноста е сè поголема. Според една анкета, 57 отсто од Источните Германци се чувствуваат како граѓани од втор ред, а речиси половината од нив се незадоволни од начинот на функционирање на демократијата. Проценката за ефектите од повторното обединување е целосно различна на истокот и на западот на земјата.

Источногерманскиот психотерапевт Ханс-Јоахим Маз смета дека луѓето на истокот на земјата поради искуствата во ГДР имаат подистанциран однос кон државата: „Луѓето на истокот на земјата се повеќе критични кон капитализмот, власта, медиумите… Оттука произлегува протестното движење против политиката која доминира од западна Германија.“

А, западногерманскиот социјален психолог Беате Кипер има поинаква перспектива кога вели дека, со оглед на долготрајната поделба на земјата со Ѕидот „не се подразбира само од себе оти источните и западните Германци би требало да бидат слични“. Таа смета дека не се проблематични самите разлики туку впечатокот на „колективно лош третман“, па се работи за потребата да ве „признаат, ценат, да учествувате и да имате право на глас“.

Кипер има изненадувачки позитивен заклучок дека разликите не се толку ужасни „Не знам дали тие би биле воопшто проблем ако не беа проникнати со вреднување. Се чини дека тоа е проблем“. Останатото може да се сфати како разновидност каква што  гледаме кога ќе ги споредиме Баварците со Германците од крајниот север. Таа верува дека има „нешто збогатувачко и интересно во тоа да се имаат различни региони во Германија и да не е насекаде исто“.