Хрватската полиција излезе со нови информации по повод случајот со „исчезнатите“ млади ракометари, чија трага се загуби за време на Светското кадетско првенство.
Десетмина ракометари од Бурунди мистериозно исчезнаа додека траеше Мундијалот, а полицијата се сомневаше дека тие ја минале хрватската граница и се обиделе да мигрираат во другите држави од Европската унија. Тие исчезнаа во Риека на 9 август, откако се оддалечиле од студентскиот центар, каде биле сместени со своите соиграчи.
„Продолжуваме со интензивната соработка со властите во Белгија и се обидуваме да го расветлиме овој случај до крај. Се работи на утврдување на идентитетот на сите лица, но голема е веројатноста дека тоа се ракометарите кои самоволно и незаконски ја напуштија Хрватска. Тие веќе поднеле барање за азил, но не се знае дали Белгија ќе ги прифати во својата земја“, се вели во соопштението на хрватската полиција.
Белгија има прилично либерални закони за миграција и азил, па нема да зачуди доколку на ракометарите од Бурунди им биде одобрен влез и престој во земјата каде се наоѓа седиштето на Европската Унија.