Квотербекот на Хјустон Тексас, Дешан Вотсон (25) е обвинет за сексуален напад врз повеќе жени, од кои повеќето се терапевти за масажа.

Полицијата потврди дека против него е започната кривична постапка, нагласувајќи дека „нема да даваат никакви понатамошни коментари во текот на постапката“.

  • Една жена поднесе жалба до полицискиот оддел во Хјустон во врска со Дешан Вотсон, се вели во соопштението.

Ова е понатамошен чекор во потенцијалните правни проблеми на Вотсон. Имено, играчот на Хјустон во окружниот суд Харис кантри во Тексас во моментов се соочува со 21 граѓанска постапка за сексуален напад и лошо однесување.

Вотсон, кој се смета за еден од четирите најдобри квотербекови во НФЛ, од самиот почеток жестоко ги негираше обвинувањата, уверувајќи дека „никогаш не третирал ниту една жена поинаку отколку со најголема почит“.

Неговиот адвокат, Русти Хардин, истакна дека истражителите пронашле „цврсти докази“ дека едно од обвинувањата е лажно, додавајќи дека тоа „ја доведува во прашање легитимноста и на другите случаи“.

Пред неколку дена, правниот тим на Вотсон ги објави сведочењата на 18 жени кои работеле со него во изминатите пет години и никогаш не се жалеле на неговото несоодветно однесување.

  • Сите изјавија дека Дешан никогаш не бил непријатен со нив, ниту пак барал нешто надвор од професионалната масажа, истакна адвокатот на квотербекот.