„Нула отпад“ е предизвик, нека ни стане секојдневие !

321

Skopje Goes Zero Wast е концептот на нула отпад кој не претставува само продавање на продукти на мерење, односно без амбалажа туку една цела филозофија која се живее секој ден. “Нашата цел е да едуцираме и да ја подигнеме свесноста за тоа пред да продаваме. Да поддржуваме реупотреба, поправање и редуцирање на сето она без коешто можеме. Да стимулираме свесни навики за пазарење, појаснува Марија Арсоска за весникот ВЕЧЕР

Сте размислувале ли колку фолии и пластични ќеси или кутии ви остануваат по секое пазарење? Помислувате ли колку време треба за да се рециклира амбалажата на сите производи кои се изложени на рафтовите во продавниците? На крајот, имате ли волја самите да направите нешто добро за заштита на животната средина? Ова се само дел од прашањата кои се наметнуваат по разговорот со Марија Арсоска, која заедно со Теодора Страшевска и Дејан Велјанов, ја промовираат идејата за живот со „нула отпад’’.

– Нашата цел е да едуцираме и да ја подигнеме свесноста за тоа пред да продаваме. Да поддржуваме реупотреба, поправање и редуцирање на сè она без коешто можеме. Да стимулираме свесни навики за пазарење. Нашата најголема вредност е тоа што ќе бидеме социјално претпријатие. Претпријатие кое ќе генерира профит, но исто така има и силна социјална мисија. Ние ќе соработуваме со локални произведувачи, ќе ја јакнеме локалната економија, ќе стимулираме циркуларност, но и ќе ангажираме постари лица кои се долго време невработени. Тука мислам на пензионери или лица кои немаат редовен работен ангажман – појаснува нашата соговорничка.

Марија, во разговор за весникот ВЕЧЕР откри дека е екологист и долго време ја засегаат прашањата поврзани со личниот отпечаток на Земјата, безрезервното трошење на Земјините ресурси, загадувањето и отсекогаш сметала дека рециклирањето е решение за сите проблеми.

– Така беше сè додека не започна периодот на карантин поради коронавирусот. Тогаш почнав да забележувам колкаво количество отпад произведуваме само јас и мојот партнер. Ме заинтересира каква е содржината на отпадот што го правиме. Исто така почнав да се прашувам, зошто при секое купување на шампон за коса, гел за туширање, детергент за машина за перење, мора да ја купиме и пластиката во која тие доаѓаат. Си мислев дека би било совршено да имаме место во кое ќе можеме да ги користиме старите пакувања и да го купиме само продуктот. Станувајќи свесна за ова, почнав да истражувам за алтернативи во светот кои помагаат за намалување на количеството отпад. Така наидов на многу zero waste продавници, но и на „мајката” на zero waste движењето – Беа Џонсон.  Бев импресионирана. Не можев да верувам дека Беа и нејзиното семејство го имаат доведено своето секојдневно функционирање до совршенство и дека отпадот кој го продуцираат од една цела година, може да го собере во обична тегла. Почнав да го мерам нашиот отпад. Знаев дека е многу, но дека двajца луѓе за 10 дена произведуваат 10 пластични ќеси, не бев свесна. Тоа е навистина, премногу – раскажува нашата инспиративна соговорничка.

Ја радува фактот што концептот на нула отпад не е само продавање на продукти на мерење, односно без амбалажа туку една цела филозофија која се живее секој ден. Вели дека откако почнала да говори за концептот „нула отпад“ забележала промени кај своите најблиски.

– Некои веќе пазаруваат со свои торби, некои внимаваат да не користат пластика, а некои само почнале да размислуваат. Тоа е и поентата. Секој на свој начин да почне да си ја менува перцепцијата и да почне да се грижи за животната средина. Убаво е чувството да се гордееш со себе секој пат кога ќе пазариш со сопствена торба, кога ќе се напиеш вода од сопствено шише, кога ќе нарачаш кафе за носење во сопствен термос. Всушност, ние сме свесни дека не можеме да го смениме светот, но можеме да се смениме себе си. Убедена сум дека и Скопјани ќе го препознаат потенцијалот на овој начин на живот и ќе го вреднуваат – вели Марија.

Таа била импресионирана од фактот дека Беа Џонсон била и во Македонија пред неколку години на промоција на нејзиниот бестселер „Дом без ѓубре”, кој е преведен на македонски јазик.

– Целата оваа иницијатива беше покрената од активистката Андријана Папиќ-Манчева, која е автор на блогот „Од нула до нула”. Тогаш сфатив дека ова движење има моќна поента и дека ова е начинот на кој јас сакам да живеам. Така се роди мојата пасија за нула отпад и мојата најголема желба, во Скопје да постои место каде што луѓето ќе можат да се едуцираат, да пазарат свесно, да се запознаат со овие вредности и да го намалат количеството на отпад кое го продуцираат секојдневно. Особено ме радува тоа што концептот на нула отпад не е само концепт на продавање на продукти на мерење, односно без амбалажа. Тоа е една цела философија која се живее секој ден. Философија која е целосна спротивност на моменталните консумеристички струи – вели Марија.

Таа со нејзиниот тим, Теа и Дејан се особено горди и благодарни што имале  можност да учествуваат во ваков регионален проект кој нуди целосна менторска и експертска поддршка за реализација на социјални бизнис идеи.

– Сите тимови кои учествуваа имаа извонредни идеи. Меѓу нас се чувствуваше само дух на инспирација и поддршка, во ниеден момент на конкуренција. Во тој дух, ние веќе планираме да вклучиме дел од нивните прототипи во нашата продавница. Ги охрабрувам сите поединци кои имаат идеја за социјален и зелен бизнис, да ги следат АРНО на социјалните мрежи и да аплицираат на нивните повици затоа што нема идеја која не може да биде реализирана ако навистина се има желба – вели Арсоска.

Добиената награда им ја отвори вратата да продолжат со фазата на инкубација, каде што ќе креираат детални планови, прототип и проекции за реализација на идејата.

– Веќе сме во преговори со локални производители и индивидуалци кои ги идентификувавме и веќе подготвуваме соработка. Исто така, сакаме да им предложиме соработка и со државните органи, општините, Град Скопје и други институции – вели Марија Арсоска за весникот ВЕЧЕР.

Освен промени кај луѓето, таа смета дека треба конечно во нашата држава да се направи соодветен систем за менаџирање на депониите. Во моментов во нашата земја има повеќе од 300 диви депонии.

– На овие депонии им треба соодветно менаџирање, план за распределба на отпадот, па следен чекор е да научиме правилно да рециклираме. Кога веќе ќе сметаме дека корпите за рециклирање се распространети насекаде низ градот, јас би се насочила спрема едукација на населението за тоа како се рециклира отпадот. Треба да се воспостават градски или општински компост центри. 40% од отпадот кој го произведуваме е биоразградлив. Истиот тој отпад, кој инаку во природата би се разградил, на депониите се разградува анаеробно (во отсуство на кислород) и испушта метан, кој е 28 пати помоќен од јаглерод диоксид во однос на затоплување на земјата. Истиот тој отпад би можел да се зема еднаш неделно од домаќинствата на најеколошки достапен начин и да се третира соодветно каде што ќе може да се преработи соодветно и да се компостира во совршена почва – смета Арсоска.

(С.Бл.)