Нон-пејпер од Франција: Западен Балкан во ЕУ на рати – чекор напред ,чекор назад!

239

Франција на земјите членки им испрати документ, „нон-пејпер“,  во кој бара нов метод  во политиката за прием на нови земји од Западен Балкан  во европското семејство. Од Европската комисија се бара, на почетокот на идната година да ги објави принципите  во политиката на проширувањето, кои би се применувале  во преговорите за членство. Во документот се вели дека економските и политичките промени неопходни за членство во ЕУ се премногу бавни како и  дека бенефитите  за граѓаните во земјите кандидати се недоволни.

Францускиот предлог се темели на четири главни принципи: етапно пристапување во ЕУ или што би се рекло „на рати”, построги  услови во текот на процесот , но и поконкретни бенефити  за граѓаните и  – реверзибилност, односно можност за назадување или санкционирање доколку земјата кандидат назадува во исполнувањето на критериумите.

Предлогот на Париз предвидува отворање на нови европски фондови, сега наменети само за земјите членки, кои ќе можат да ги користат земјите кандидати во зависност од напредокот со што граѓаните на тие земји би можеле да почувствуваат низа предности пред да станат членки на ЕУ.  Преговорите не би биле организирани околу поглавјата како до сега туку околу повеќе сектори и области во кои земјите кандидати би можеле да бидат вклучени и пред пристапувањето во ЕУ.  Крајна цел е полноправно членство, се вели во нон-пејперот на Франција.

За овој предлог, но и други предлози околу политиката на проширувањето на Унијата, ќе разговараат министрите  утре. Се очекува тие да побараат од  ЕК. врз основа на различни предлози, во јануари, да го достави извештајот за идната политика на проширувањето за да министрите и европските лидери  по ова прашање можат да донесат одлуки во февруари и март идната година.

Што содржи  „нон-пејпер”

Во документот што го испрати  Франција се потенцира дека се „пребавни” длабоките политички, економски и социјални трансформации потребни за идно пристапување во ЕУ и дека не се доволни конкретните придобивки за граѓаните во земјите-кандидатки.

Официјален Париз ја реафирмира „недвосмислената поддршка“ на европската перспектива на земјите од Западен Балкан и смета дека целиот регион припаѓа на Европа по својата историја, култура и географија.

„Поблиски врски со Европската Унија се единствениот начин овие земји да се консолидираат, врз основа на владеењето на правото и отворени и плуралистички општества, кои се занимаваат со својот економски и социјален развој“, се наведува во францускиот документ.

Според Франција, таквиот обновен пристап би требало да се заснова на четири принципи: Постепено придружување, построги услови, поконкретна корист и реверзибилност.

Официјален Париз бара целокупниот процес на придружување да биде „постепен и поттикнувачки”.

„Откако ќе се отворат преговорите, процесот на интеграција повеќе нема да се заснова на отворање голем број тематски поглавја, туку на неколку последователни фази, кои ќе формираат кохерентни блокови на политики и шема воспоставена од ЕУ, земајќи ги предвид специфичните карактеристики на секој кандидат, каде што е соодветно”, се вели во документот..

Владеењето на правото и темелните права би останале интегрално барање од моментот на отворање преговори, и би останале такви во сите области за време на процесот. Исто така, официјален Париз предлага, преминувањето од една во друга фаза да биде детално изложен, а главно би се засновал на „постојано, неповратно напредување во областа на владеењето на правото“.

Земјите кандидатки би морале да ги прилагодат своите институционални и административни способности на потребата од ефикасно учество во различни политики. За конечното пристапување ќе се одлучува врз основа на исполнување на конкретни економски и социјални стремежи.

Исто така, со нон-пејперот се предвидува дополнителна финансиска помош во претпристапниот период за Западен Балкан, што би подразбирало поголеми претпристапни инструменти и пристап до структурните фондови кои сега се резервирани само за земјите-членки на ЕУ.

Клучниот предлог на Франција е во усвојување на принципот на реверзибилност, бидејќи се смета дека тоа ќе го осигури кредибилитетот и поттикнувачката природа на процесот. Според Париз, таквиот принцип е нужен во ситуации кога земјата кандидат делумно или воопшто не исполнува одредени критериуми, или престанала да ги исполнува преземените обврски. Во таков случај европскиот одговор би можел да се движи од запирање на финансиската помош до општа суспензија, во случај да се доведени во прашање основните вредности на ЕУ.

За Владата францускиот предлог е за поздравување

За Владата францускиот нон-пејпер е за поздравување, бидејќи, како што велат оттаму, добредојдена е секоја идеја која ќе придонесе за побрз почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ и која ќе ги направи преговорите поефикасни, посуштински и покредибилни.

Владата веќе го добила документот на Франција, со кој се предлага нов пристап во преговарачката методологија и поблиска политичка соработка на државите членки и државите кандидатки.

– Многу е важно што рамката која ја предлага Франција го потврдува членството во ЕУ како главна и крајна цел на процесот што за нас е неопходен услов за воопшто таа да се разгледува, велат од Владата.

Претстои разгледување на оваа иницијатива, по што институциите ќе дадат свој придонес во развивањето на идеите за можна промена на методологијата.

Од витално значење за домашните реформи и за натамошниот развој на државата е да се донесе одлука за почеток на преговорите за членство со ЕУ, која ќе овозможи во динамичен преговарачки процес да се внесуваат делови од можниот нов пристап за подобрување на методологијата. Сметаме дека е особено важно земјите кои ги исполнуваат условите и темелно постапуваат во реформите, непречено и брзо да одат низ процесот на преговори, до конечно членство во ЕУ, велат од Владата.

 Експерти: стратешка перестројка на Запад

Со нон-пејперот Франција сака да ја оправда кредибилноста на блокадата за Македонија и Албанија и да покаже конструктивност кон целиот процес, смета Малинка Јорданова од Институтот за европска политика. Сепак, според неа, нон-пејперот не нуди ништо ново во однос на постапката на преговори. Таа вели дека со овој предлог наместо 35 поглавја би се отворале седум фази кои би можеле да бидат подеднакво комплицирани за реализација како и поглавјата, но значат помалку етапи кога некоја држава евентуално би ставила вето.

„Каде јас гледам некои замки: Прво, јасно се кажува дека перспективата за членство ќе следи откако ќе се реформира Европската Унија. Значи, Франција инсистираше прво реформа, потоа пристапување, а Германија и поголем број други земји членки беа на тезата паралелно – внатрешни реформи и проширување. Значи, тука цврсто стојат на тоа прво внатрешни реформи, а потоа проширување. Потоа, покрај политичките критериуми коишто државата треба да ги исполни се споменува и одредено ниво на економска конвергентност со Европската Унија пред пристапувањето што многу тешко ќе го постигнат сите државите коишто се сега во процесот на пристапување. Третата точка што мислам дека е критична – цело време се најавуваат повеќе средства, повеќе финансии, пристап до структурни фондови, а тоа е најтенкиот дел од овој документ. Значи, се споменува пристап до одредени програми, ние пристап до одредени програми имаме и сега“, вели за Алсат, Малинка Јорданова – Институт за европска политика.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, смета дека со нон-пејперот на Франција, патот до членство во Европската Унија станува уште подолг. Според него, со нон-пејперот се покажува дека премиерот Зоран Заев ја извртувал вистината за тоа до каде се домашните реформи.

„Очигледно е дека нашите партнери од Европската Унија констатирале дека постојат двојни стандарди во сите овие земји-аспиранти кои сакаат да станат членки на Европската Унија, па велат – доколку отворите една група на поглавја, еве јас така би ги групирал, вие кога ќе ги затворите ќе треба да генерирате и понатаму вредности за тоа што сте ги затвориле. Доколку тие видат дека само формално ги затворате, а всушност не се придржувате на тоа што е договорено постои можност повторно да се навратите на таа група поглавја и тоа може да прерасне во една приказна којашто ќе нема крај…“, рече Мицкоски.

Зад ова етапно  примање на нови членки се наѕира идејата на Макрон пласирана на Сорбона во 2017 година за Европа во повеќе кругови, велат аналитичарите. Но без поддршка на Германија и оваа идеја на Макрон, ќе остане само теорија. Работите се многу посложени , се работи за период на стратешка перестројка на Запад , кога старите сојузи се во распад, а новите се уште не се воспоставени.