Нон-пејперот ќе добие контра нон-пејпер?!

30

– За време на состанок во февруари, Бугарија ја информираше Република Северна Македонија дека нивните предлози не се прифатливи и дека разговорите треба да продолжат, се наведува во одговорот на бугарското Министерство за надворешни работи доставен до БГНЕС. Министерството уште додава дека „кога ќе има изгледи за суштински напредок, бугарската страна ќе испрати свој контрапредлог со цел приближување на ставовите“. Македонскиот шеф на дипломатија информираше дека има документ како основа за договор со Бугарија прифатлив за македонската страна, но сè уште нема одговор дали тој е прифатлив и за Софија, посочувајќи дека кога ќе има согласност по однос на кој било документ како основа за договор со Бугарија, пред да се стави потпис ќе ја информира јавноста и пратениците

 

Документот со решение за разликите е прифатлив за Македонија, но не и за Бугарија. Само еден ден откако министерот за надворешни работи Бујар Османи обелодени дека постои извесен предлог, чија содржина не ја откри, но рече дека е прифатлив за нас и се чека одговор од властите во Софија, од бугарското МНР информираа дека ќе дадат контрапредлог, а премиерот Кирил Петков дека не потпишал никаков документ.

– Секогаш сме се придржувале до коалицискиот договор и постојната рамковна позиција на Бугарија за Република Северна Македонија. Нема никаков документ што е потпишан од бугарска страна, изјави бугарскиот премиер.

Претходно, бугарското МНР во врска со изјава на Османи дека постои документ одобрен од македонска страна и се чека одговор од властите во Софија, се вели дека „за време на состанок во февруари, Бугарија ја информираше Република Северна Македонија дека нивните предлози не се прифатливи и дека разговорите треба да продолжат“.

-Последниот експертски состанок на тимовите на министерствата се одржа на 11 февруари годинава, на кој се разговараше за најновите предлози на РСМ, официјално испратени во декември 2021 година како одговор на предлозите на бугарската страна, доставени на третиот круг експертски консултации одржани во 2021 година во Скопје. На средбата во февруари, бугарската страна ги информираше претставниците на РСМ дека нивните предлози не се прифатливи и дека разговорите треба да продолжат, се наведува во одговорот на бугарското МНР. Оттаму уште додаваат дека „кога ќе има изгледи за суштински напредок, бугарската страна ќе испрати свој контрапредлог со цел приближување на ставовите“.

Османи информираше дека има документ како основа за договор со Бугарија прифатлив за македонската страна, но сè уште нема одговор дали тој е прифатлив и за Софија, посочувајќи дека кога ќе има согласност по однос на кој било документ како основа за договор со Бугарија, пред да се стави потпис ќе ја информира јавноста и пратениците.

–  Да, има еден таков документ што ние сме спремни да го прифатиме, меѓутоа сè додека не добиеме одговор дека е прифатлив и за Бугарија сметам дека не се созреани тие предуслови за да можам јас да ги информирам пратениците и јавноста, бидејќи тој може да биде одбиен и тогаш сето тоа би било непотребно, истакна Османи.

Ден претходно, бугарскиот претседател Румен Радев, во телефонскиот разговор со неговиот германски колега Франк-Валтер Штајнмајер, на која главна тема беше евроинтеграцијата на земјите од Западниот Балкан, посочил дека во интерес на стабилноста на Обединета Европа е секоја земја кандидат за членство во ЕУ да ги почитува европските вредности поврзани со правата на своите граѓани, при што нагласил дека Бугарија очекува категорични резултати од Македонија по ова прашање, пред да даде согласност за почеток на преговорите со Унијата.

Радев ја потврдил и поддршката на Бугарија за почеток на преговарачкиот процес за членство на Албанија во ЕУ, по, како што нагласил, сериозните реформи на земјата во судството, економијата и заштитата на националните малцинства.

Министерот Османи истакна и дека не сака да ги коментира внатрешните политички разлики во Бугарија.

– Ние комуницираме со бугарската Влада и не сме прифатиле никогаш да имаме паралелни преговори со различните чинители во Бугарија, па и доколку се институционални чинители, не само политички чинители. Ние разговараме со бугарската Влада и навистина останува на неа дали ќе може да постигне едногласност по кое било решение, изјави Османи. Тој посочи дека, од искуството со Преспа, овие прашања бараат лидерство и бараат одлучност по однос на иднината.

Македонската опозиција бараат јавно обелоденување на овој документ, дополнувајќи дека нема да прифатат штетен договор.

– Ни срам, ни перде, Османи вчера изјави дека имал готов документ кој „наводно бил прифатлив“ за Македонија и се чекало само одговор од Бугарија, внимавајте, за потоа да ги известел македонските пратеници, Собранието и македонската јавност. Антидржавно, недозволиво и срамно однесување на еден министер кој треба да се грижи и да ги застапува македонските интереси во надворешната политика, се вели на фејсбук-статусот на координатор на пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

И од Левица обвинуваат дека власта турка ново велепредавство зад затворени врати.

„Недостапноста на овој документ, прифатлив за Владата на ДУИ и СДСМ, покрај тоа што најавува ново велепредавство, укажува и на спремноста од нивна страна истиот да го протуркаат што е можно потивко и што е можно поскоро, за да се избегне негодувањето и притисокот од јавноста. Патем, уште позагрижувачки е фактот што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави спремност да разговараат во насока на нова промена на македонскиот Устав”, велат од Левица. (Е.А.)

Џамбаски: На 24 мај ќе „падне“ ветото за Македонија!?

Бугарија се подготвува за кревање на ветото. Бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски открива дека Владата на Кирил Петков, на 24 мај, најверојатно на Советот за општи работи на Унијата ќе даде согласност за старт на преговорите со Македонија и Албанија. Потоа, додаде тој, оваа одлука ќе биде потврдена и на јунскиот самит на европските лидери.

Петков: Одам во Битола за поддршка на бугарската заедница во Македонија!

Бугарскиот премиер Кирил Петков, заедно со потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова, денеска ќе присуствуваат на отворањето на новите простории на клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола.

„’Одам за да ја покажам задачата на бугарската влада да биде поддржана бугарската заедница во Македонија. Верувам дека и Владата на РС Македонија исто така е свесна колку голем приоритет е тоа за Бугарија и заедно работиме на тоа да го издигнеме приоритетот на овие луѓе во македонското општество“, изјавил Петков.

Според него, со самиот факт дека е најавено присуство на многу луѓе од различни партии, се покажува поддршката за бугарската заедница.

„Во исто време се надевам дека она што сите го кажавме, дека РС Македонија треба да биде дел од Европа, дека и од двете страни ќе се движиме во таа насока“, рече Петков.

Денеска во Битола заедно со Петков и Јотова, ќе бидат и поранешната министерка за надворешни работи Екатерина Захариева и Костадин Костадинов од партијата Преродба.