НОН-ПЕЈПЕРОТ ЛАЖНА ВЕСТ ПУШТЕНА ОД СОФИЈА?!

Нон-пејперот, што во понеделникот го објави телевизија „Клан“, а за кој наводно се запознати и Скопје и Софија, но и поважните земји членки на Унијата, ја разбранува јавноста кај нас, но и пошироко. Власта го отфрли и останува на ставот дека официјален е португалскиот предлог за одблокирање на македонскиот пат кон ЕУ. Според политичкиот аналитичар Петар Арсовски, пред да се продолжи со дебатата треба најпрво да се утврди дали се работи за вистински предлог или за лажна вест. Во Брисел постои страв дека поради изборите во Бугарија закажани за ноември, Македонија повторно ќе биде блокирана на декемврискиот Совет под словенечко претседателство

50

За власта не постои т.н. нон-пејпер за решавање на македонско-бугарскиот спор, туку на маса и понатаму единствен официјален предлог е оној претставен за време на претседателството на Португалија со Европската Унија. За САД, пак, спорот меѓу Скопје и Софија мора веднаш да се реши за продолжување на македонските евроинтерграции.

Овој документ, кој го објави телевизија „Клан“ без да наведе конкретен извор, беше предмет на многу анализи. Според политичкиот аналитичар Петар Арсовски, пред да се продолжи со дебатата треба најпрво да се утврди дали нон-пејперот е  вистински предлог или лажна вест.

„Пред да дискутираме да почекаме да видиме дали објавениот нон-пејпер е вистина или е лажен документ. Она што го слушнавме од владините претставници е дека нон-пејперот е лажна вест. Ако е така треба да се види кој и зошто го пуштил. Доколку е пробен балон можно е да пуштен од бугарска страна. Во него има теми кои се прифатливи за дискусија, како оние поврзани со обезбедување на повеќе права за малцинствата, но тоа е нешто што треба да го прави и Бугарија. Но има и некои прашања за кои не може да се разговара“ – изјави за весникот ВЕЧЕР, аналитичарот Арсовски.

Во врска со т.н. нон-пејпер, а за кој наводно се запознати и Скопје и Софија, но и другите земји членки на Унијата, од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, соопштија дека од Софија не е пристигнат никаков документ, бидејќи со месеци наназад не се водат никакви преговори за надминување на прашањето со Бугарија. Како што соопштија, ставот на Пендаровски во однос на идентитетот и јазикот на македонскиот народ е јасен и непроменет, како што тврдат, за тоа досега ниту се преговарало, ниту пак ќе се преговара во иднина.

Во исто време, новиот претставник на американскиот Стејт департмент за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кој доаѓа на местото на досегашниот Метју Палмер, изјави дека прашањето меѓу Македонија и Бугарија мора веднаш да се реши за да ѝ се дозволи на земјава да го продолжи патот по кој макотрпно работеше за резултати, како и дека ова прашање да не го попречува процесот на проширување.

Владата, останува на став дека единствено португалскиот предлог за решавање на проблемот со бугарската блокада на македонските евроинтеграции овозможува решенија прифатливи за сите страни.

„Остануваме посветени во процесот, со цел надминување на разликите со Република Бугарија, со што и би се отстраниле пречките за почетокот на пристапните преговори со ЕУ. Тоа е во интерес на граѓаните на двете држави, а со тоа и на европската агенда. Се надеваме дека колку може поскоро ќе се создадат политички услови во Бугарија за да се отвори можноста за интензивен дијалог меѓу Скопје и Софија за решавање на прашањата кои предизвикаа блокирање на процесот на проширување на ЕУ“ – е наведено во одговорот од Владата.

Нон-пејперот содржи неколку точки како насоки за решавање на спорот. Според објавениот документ на Бугарија ќе ѝ се дадат гаранции за зацврстување на сегашниот концепт на нација – држава, при што ќе ѝ се признае историски контекст за бугарското потекло на нејзините граѓани без исклучок и со тоа Бугарија, како што се наведува ќе се ослободи од траумата дека преку малцинските права ќе ѝ се загрози долгорочната стабилност и безбедност.

Во нон-пејперот се предлага Бугарите да се внесат во Уставот, соодветно како и сите други етнички заедници, здруженијата на Бугарите со тоа ќе добиеле заштита и посебна нега од државата за да негуваат, да промовираат и изучуваат сопствен аспект на историските настани и тоа ќе им било уставно загарантирано. Се додава и дека мнозинскиот дел од словенскиот народ, кои себе се идентификуваат како Македонци и сметаат на историскиот контекст за посебност на македонскиот народ ќе ја задржат можноста за сопствен аспект и наратив на оваа заедничка историја.

Се додава и дека овој дуален систем ќе се применел и во образовниот систем, со дуално објаснување на контекстот на историските настани, вклучувајќи ги и македонскиот и бугарскиот наратив.

„Прашањето на јазикот и употребата на краткото име за Северна Македонија, треба да биде решено според предложеното од претседавачките предлози (германски, португалски, словенечки), кои веќе беа неофицијално земени предвид како прифатливи за двете страни“ – се наведува во нон-пејперот.

Во Брисел постои страв дека поради изборите во Бугарија закажани за ноември, Македонија повторно ќе биде блокирана на декемврискиот Совет, под словенечко претседателство, што би имало сериозни последици како за земјата така и за регионот.

(И.С.)