Нокиа укинува 180 работни места во Финска

43

Финскиот производител на телекомуникациска опрема Nokia соопшти дека планира да укине околу 180 работни места во матичната земја оваа година.

Како што најавуваат, имаат намера да ги зголемат инвестициите во дигитализацијата и технологијата на мобилната мрежа од новата 5G генерација.

Планираните откази нема да ги опфатат работниците во секторите за развој на 5G производите во Оулу и другите делови на Финска, посочуваат во Nokia.

Компанијата во матичната земја вработува вкупно 6.000 работници, а минатата година се вработени околу 370 нови работници.

Менаџментот настојува да ја врати довербата на инвеститорите, поради загриженоста дека заостанува зад Ericsson и Huawei во развојот на 5G.

Во октомври, ги намалија проценките за 2019 и за 2020 година поради потребата од поголеми инвестиции во мрежите на новата генерација.

Денес повторија дека ги намалиле планираните заштеди до крајот на годината, од 500 милиони евра.

„Ги ажуриравме претходно најавените планирани заштеди на трошоците, од 700 милиони на 500 милиони евра, главно затоа што очекуваме дополнителни инвестиции во 5G и дигитализација“, изјави шефот на Nokia во бизнисот со мобилна мрежа, Томи Уито.