На стартот на ноември во кината пристигна „Врба“, кој македонската публиката може да го види речиси веднаш по неговото светско претставување во Рим, каде што ја освои странската критика. Филмот „Нож во грб“, пак, со импресивната актерска екипа составена од Даниел Крег, Тони Колет, Џејми Ли Куртис, Крис Еванс, Кетрин Ленгфорд, Кристофер Пламер, Дон Џонсон кој ќе може да се види кон крајот на месецов ѝ оддава почит на Агата Кристи. Ова е забавен, современ крими филм каде сите се осомничени за убиство…

Најновите акциони филмови, трилери, хорор и анимирани приказни… како и најновиот шести филм на познатиот македонски режисер Милчо Манчевски „Врба“ ќе може да се погледне овој месец на големото платно во скопските киносали.

На стартот на ноември во кината пристигна „Врба“, кој македонската публиката може да го види речиси веднаш по неговото светско претставување во Рим каде што ја освои странската критика. Филмот ја следи приказната за три македонски жени и нивната борба да станат мајки. Трите приказни, една средновековна, две современи, се огледуваат една во друга и се надополнуваат, истражувајќи теми за љубовта, довербата и мајчинството. Во филмот улогите ги толкуваат Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Камка Тоциновски, Ненад Нацев, Никола Ристески.

И американската акција-драма „Битката за Мидвеј“, во режија на Роланд Емерич, е остварувањето кое ќе ја привлече публиката во градските кина бидејќи во него е раскажана приказната за битката кај Мидвеј, од гледна точка на водачите и морнарите кои се бореле во неа. Таа била поморска битка во Втората светска војна помеѓу морнарицата на Јапонија и САД и се смета за решавачка во Пацифичката војна во однос на запирање на јапонското пробивање што започнало со нападот на Перл Харбор шест месеци порано. Во овој епски спектакл улогите ги толкуваат Вуди Харелсон, Лук Еванс, Менди Мур, Денис Квејд, Ник Џонас.

За љубителите на хорор приказни, пак, овој месец се препорачува американскиот трилер-хорор „Доктор Сон“во режија на Мајк Фланаган кој е продолжение на приказната на Дени Торенс, 40 години по страшните настани во познатиот филм „Сјаење“ на Стивен Кинг. Години по настаните во „Сјаење“, сега веќе возрасниот Ден Торенс, среќава млада девојка со слични моќи како неговите и се труди да ја заштити од култот познат како Вистинскиот јазол. Во филмот улогите ги толкуваат Ребека Фергусон, Еван Мекгрегор, Јакоб Трембли.

За најмладите, но и целото семејство, месечната кино понуда нуди две анимирани филмски приказни. Едната насловена „Семејството Адамс“ во режија на Грег Тирнан и Конрад Вернон е анимирана верзија за необичното Адамс семејство, а во кое гласовите ги позајмуваат Клое Грејс Мориц, Шарлиз Терон, Ејми Гарсија.

А втората, пак, е очекуваното продолжение на приказната за познатите анимирани ликови Ана, Елса, Кристоф и Олаф и нивното Снежно кралство. Во „Снежно кралство 2“ во режија на Крис Бак и Џенифер Ли, Ана, Елса, Кристоф и Олаф одат далеку во шумата за да ја дознаат вистината за античката мистерија на нивното кралство. Гласовите ги позајмуваат Кристен Бел, Еван Рејчел Вуд, Џонатан Гроф.

За оние, пак, кои преферираат брзи автомобили и трки, во кината наскоро ќе може да се види филмот „Форд наспрема Ферари“ или преведен како „Ле Ман ’66: Славни 24 часа“. Двајцата добитници на Оскар, Мет Дејмон и Кристијан Бејл се во главните улоги на оваа вистинска приказна во која здружувањето на двајца дисиденти го потресоа светот. Во режија на Џејмс Манголд филмот е за врската меѓу визионерскиот дизајнер на автомобили Керол Шелби (Мет Дејмон) и британскиот возач Кен Мајлс (Кристијан Бејл) кои со заеднички сили се борат против корпоративното мешање и нивните лични демони како би создале потполно нов тркачки автомобил кој ќе му пркоси на долгогодишниот победник на светското првенство во Ле Ман, легендарниот Ферари, на средината на шеесеттите години.

При крајот на ноември, пак, ќе може да се погледне комичната приказна „Џекси“ во режија на Џон Лукас и Скот Мур која зборува за еден млад човек кој го сака својот телефон повеќе од сѐ на светот. Фил е младо момче, нема пријатели, нема љубовен живот, но наскоро неговиот статус ќе се смени. Кога ќе мора да го надгради телефонот ја добива Џекси – вештачка интелигенција, виртуелен асистент, животен тренер и со нејзина помош конечно почнува да живее. Но, Џекси почнува да му го прави животот кошмар, сакајќи да го задржи за неа… Улогите ги толкуваат Роса Брн, Александра Шип, Адам Дивајн.

Следува филмот „Јули“ на режисерот Икар Болајн кој ја следи животната приказна (од детството во Куба до настапот за најпрестижната школа за балет London Royal Ballet) на кубанскиот танчар Карлос Акоста, нагалено викан Јули од својот татко. Филмот го претставува првиот црн танчар кој настапува во најпознатите балетски улоги, тој бил танчар кој не сакал да танцува, легенда во светот на танцот… Улогите ги толкуваат Карлос Енрике Алмиранте, Лаура Де Ла Уз, Цезар Домингез.

И како за крај на овој месец доаѓа филмот „Нож во грб“ со импресивната актерска екипа составена од Даниел Крег, Тони Колет, Џејми Ли Кертис, Крис Еванс, Кетрин Ленгфорд, Кристофер Пламер, Дон Џонсон, а режиран од Рајан Џонсон. Во овој филм, режисерот ѝ оддава почит на Агата Кристи. Ова е забавен, современ крими филм каде сите се осомничени за убиството. Кога познатиот новелист Харлан Тромби е пронајден мртов кратко по својот 85-ти роденден, детективот Беноа Бланк (Даниел Крег) е назначен да ја истражува неговата смрт. Од дисфункционалното семејство на Харлан, до неговиот посветен персонал, Бланк открива семејни тајни за да ја разоткрие вистината зад сомнителната смрт на Харлан.