„Нов културен бран“ со 82 проекта во пет месеци

15

Осумдесет и два проекта беа дел од  „Нов културен бран“ во два конкурсни рока во 2017 година и имаа квалитетна, естетизирано профилирана и вредносно издржана содржина, објави Министерството за култура со чија поддршка се реализираше манифестацијата.

– На двата објавени повика на конкурсот имаше огромна заинтересираност и беа пристигнати 348 апликации, а за избраните проекти беа обезбедени 10 милиони и 600 илјади денари, наведува  Министерството.

„Нов културен бран“ се реализираше од крајот на јули до декември 2017 година со цел културата да се децентрализира и деметрополизира, што се совпаѓа со мотото на Министерството: култура до сите, култура за сите.

– Целта беше да се поттикне и да се активира независната културна сцена, да се истакне значењето на граѓанскиот сектор преку активноста на невладините организации, здруженија и асоцијации од областа на културата, за кои се смета дека можат да внесат посвежи идеи и поиновативни пристапи во креирањето на културната понуда со проекти кои се во слух со времето, соопшти Министерството за култура.