Нов концепт и локација на читалната „Ацо Шопов“

39

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ги отвори новите простории на читалната што го носи името на доајенот на македонскиот книжевен збор, Ацо Шопов.

-Во новите простории на читалната, во сутеренот на ТЦ „Беверли Хилс“, добредојдени се сите граѓани, каде што ќе имаат можност да го користат нејзиниот книжевен фонд што вклучува повеќе од 2.000 книги од сите жанрови. Членството е бесплатно, а просторот без никаков надоместок е достапен за организирање литературни дружења, креативни средби и едукативни работилници, соопштија од општинската прес-служба.

Герасимовски порачал дека културата и уметноста се најважни начини да ги покажеме убавините и богатствата на нашата земја.

-Оваа читалница нека биде свратилиште на сите љубители на книжевноста, нека биде катче што може да ги разбуди имагинацијата и креативноста во пишувањето, нека биде алтернативен образовен простор во кој сите ќе се чувствуваат слободни да истражуваат и создаваат, рекол Герасимовски на отворањето. Во чест на 100-годишнината од раѓањето на Шопов, ученици од општинските основни училишта „Ј. Х. Песталоци“ и „Киро Глигоров“ ги потсетиле присутните гости на делови од неговото творештво, со кое во текот на образовниот процес се сретнале и ќе се сретнуваат многу генерации.