Собранието на Македонија го усвои Законот за решавање банки, предложен од Министерството за финансии, со кој земјава воспоставува регулаторна рамка за зајакнување на финансиската стабилност во земјава и навремена интервенција во кредитната институција што е во проблем.
Станува збор за сосема нов закон, кој има цел воспоставување инструменти за ефикасно решавање на проблемите на нестабилните и проблематични кредитни институции, неопходни за спречување несолвентност, односно за ублажување на негативните последици настанати поради несолвентност, а сè со цел зачувување на одржувањето на функционирањето на кредитната институција. На тој начин се избегнува спасување на овие институции со користење на средствата на даночните обврзници, односно со новото законско решение ќе се воспостави сет алатки за доволно рана и брза интервенција во кредитната институција што се соочува со проблеми во работењето.
Законот ќе обезбеди и континуитет на критичните функции на банката, заштита на јавните средства преку сведување на минимум на можноста за користење вонредна државна финансиска помош, заштита на депонентите кои имаат обезбедени депозити, како и заштита на средствата на клиентите на банката. Се воспоставува и фонд за решавање банки и ќе се дефинира начинот на користење на средствата, ќе се утврдат процесот, условите и инструментите за решавање банки, начините на финансирање на решавањето и слично, а орган надлежен за решавање на банките ќе биде Народна банка. Предвидена е и можноста за примена на државни инструменти, меѓу кои и директна интервенција, но тие ќе се користат само во исклучителни услови и тоа само како последна можност, откако ќе се исцрпат сите останати инструменти пропишани во предлогот. Повратот на средствата што ќе се користат за интервенција ќе се врши со продажба на влогот на државата во банката која државата би го стекнала со примена на инструментите.
Со Законот се сака да се постигнат пазарна дисциплина и доверба на јавноста во банкарскиот сектор, унапредување на регулаторната и на супервизорската рамка, заштита на јавните средства, непристрасност и независност во вршењето на активностите на надлежниот орган за решавање банки, како и стручност, професионалност и висок степен на професионална одговорност на вработените во банките и на вработените во Народна банка.