Британскиот сој на ковид-19 се одомаќинува во државава, а се поблиску ни е и јужноафриканската мутација на коронавирусот. Нов бран го зафати Балканот. Најтешка е состојбата во Унгарија, каде што за 24 часа има 4.948 инфекции и 107 починати. Во Србија се регистрирани 3.210 новозаразени и 15 починати. Во Хрватска има 520 нови случаи, а осум луѓе починале. Во Хрватска се пријавени и два случаи на инфекција со јужноафриканската мутација коронавирусот, а откриен е кај две лица кои се вратиле од Занзибар. И во Словенија е веќе  присутна јужноафриканската мутација.

Нови  711 заразени лица се регистрирани во Босна и Херцеговина, што е раст во споредба со претходниот ден, кога имаше 469 новозаразени.

Министерот за здравство Венко Филипче потврди дека во изминатиот период во државава се бележи благ пораст на бројот на новозаразени и честа е појавата на случаи со мутираниот, британски сој на вирусот. Не е исклучена можноста за нови рестрикции, рече тој, но, засега нема да има.

– Нема таква индиција поради тоа што порастот не е таков како што беше на почетокот на ноември. Има благ пораст што не е ризик за болничките капацитети, но, секако, е причина граѓаните да бидат апсолутно многу внимателни, рече вчера Филипче.

Бројките во здравствениот билтен секое деноноќие се повисоки за 160 повеќе од претходниот ден. Во саботата, беа регистрирани 721 новозаразен (од 3816 тестирања), 167 повеќе од статистиката за завчера.  Меѓу новозаразените е и опозицискиот лидер Христијан Мицкоски кој тоа го објави на својот фејсбук-профил.

И натаму со најмногу нови инфицирани, покрај Скопје, се Прилеп, Кавадарци и Охрид кои, исто така, по главниот град, имаат и најмногу активни случаи на КОВИД-19.  Филипче апелираше граѓаните да не се опуштаат и да ги почитуваат мерките – носење заштитна маска и дистанца, посочувајќи ги овие три  општини со зголемен број дијагностицирани, но и хоспитализирани пациенти, со британската варијанта на вирусот која, рече, многу полесно се пренесува.

За оваа ситуација на својот фејсбук-профил реагираше токсикологот д-р Нико Беќаровски кој напиша: „ Македонскиот неславен рекорд за новозаболени со Covid-19 во еден ден изнесува 1406 и е постигнат во еден маглив ноември ден. На најдобар пат сме веќе во март во еден убав сончев ден, да го надминеме“.

И покрај зголемувањето на бројот на новозаразени, Филипче по којзнае кој пат објави дека анти-ковид вакцините од Кина и Русија ќе доцнат.

–Се пролонгираше малку периодот. Очекувам навистина сите овие разговори да завршат за што пократко време. Секојдневно има нови прашања од компаниите, тоа важи за сите компании. Од  „Фајзер“ го очекуваме драфт-договорот. Со руската компанија интензивно разговараме овие денови откако го потпишавме договорот, а секако и со кинеската. Не би сакал сега да шпекулирам, сакам да бидам прецизен тогаш кога точно ќе знаеме кога ќе пристигнат, рече Филипче.

И во видеопораката по повод една година од појавата на првиот случај со коронавирус и почеток на епидемијата во земјава, министерот истакна дека набавката на вакцините е најголем предизвик за сите земји во светот и дека околу 130 земји сè уште го немаат почнато процесот на имунизација. Нагласи дека Владата прави максимални напори да се обезбедат вакцини и убеден е дека многу бргу ќе започне масовната вакцинација.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак, со обвинувања дека тоа што во државава нема вакцини и што процесот на имунизација се одолговлекува е резултат на неспособноста на министерот и на целата Влада.

-На ден до 1 март, сите земји вакцинираат трети месец, ама во Македонија се вакцинираа само неколкумина здравствени работници и тоа благодарение на донираната вакцина од Србија. А треба да се вакцинираат сите медицински лица, треба да се вакцинираат повозрасните од 70 години, секако треба да се вакцинираат и оние со повеќе хронични болести…и кој сè не. Секако треба да се вакцинираат и оние помладите кои имаат контакти поради работното место. Во меѓувреме се погласно се зборува и за вакцинални корона пасоши, односно ќе можете да посетите некоја земја само ако имате примено вакцина. Со оваа динамика на лажење на Филипче едно е јасно граѓаните тешко дека ќе видат или евентуално примат вакцина наскоро. И сето ова, оваа неспособност, оваа фокусираност на тендери и провизии чини животи, обвинуваат опозиционерите и бараат одговорност.

(Е.А.)