Се збогатува политичката понуда на овие локални избори. Гласачите за првпат, наспроти вообичаениот црно-бел избор меѓу власта и опозицијата, имаат политичка понуда збогатена со бројни независни кандидати и советнички листи. Ќе означи ли ова почеток на разбивање на монополот на партиите или е само знак на незадоволство на граѓаните од досега сработеното во општините?
Според политичкиот аналитичар Агим Јонуз овие промени се показател на хаосот на македонската политичка сцена.
„Самиот податок дека политичката сцена доживува вонсултанска дејност покажува дека на политичката сцена владее хаос. Во политичкиот свет, единствено дел од независните кандидати одат индивидуално, незадоволни од сè и сешто, а останатите се дел од политичките игри за да може, фигуративно речено, големите партии да си го соберат кајмакот. Дека овие избори ќе бидат многу специфични зборува податокот што коалицира секој со секого, тоа говори дека битката е исклучиво за позиции и моќ, а сè останато е секундарно. Македонија одамна престана да биде држава, претворена е во едно претпријатие во кое секој е заинтересиран за своето конто и ништо повеќе“ – изјави за весникот ВЕЧЕР Јонуз.
Разочарувањето на граѓаните, но и внатрепартиските битки ја збогатија понудата на овие избори, смета политичкиот аналитичар Марко Трошановски.
„Историски досега најголемиот број на независни кандидати, на овие локални избори, се должи на разочарувањето од политичките партии и нивното непридржување до вредностите и принципите за кои се залагаат во практикувањето политика. Секако, дел од тие независни кандидати произлегуваат од внатрепартиските битки или се наменски создадени да се разводнат гласовите на незадоволните граѓани. Шансите на независните кандидати и листи се реални, особено ова важи за листата на „Шанса за Центар“, а нивното влегување во општините и општинските совети би значело пресврт во начинот на функционирање на општините и носењето на одлуките, изјави за весникот ВЕЧЕР Трошановски.
Колку повеќе кандидати толку поголема демократија на изборите, но и поголем притисок врз избраните претставници да си ја сработат работата, истакнува Бојан Кордалов, комуниколог – специјалист за односи со јавност и нови медиуми.
„Не мислам дека можеме во кој било случај да говориме за „премногу“ кандидати, бидејќи суштината на демократијата е да има колку што е можно повеќе избор. Тоа значи повеќе квалитет, но истовремено и многу повеќе компромиси што ќе мора да доведе до дијалог и цивилизирана политичка комуникација“ – изјави за весникот ВЕЧЕР Кордалов.
Според него, потребно е различно мислење, ставови во и вон партиите, но и секако креирање на разни граѓански иницијативи кои застапуваат свои каузи.
„На овој начин ќе се размрда политиката и политичката сцена, а ќе биде и своевиден гарант дека тешко ќе ни се повторат случаите од минатите децении кога едната или другата политичка опција имаше апсолутна власт во Собранието. Бидејќи колку повеќе се лидерите будни и под штрек, толку поиздржани одлуки ќе носат. И што е уште поважно, конечно ќе почнат институциите и политичарите да работат за исполнување на потребите на граѓаните, а не како досега, спротивно: граѓаните да работат за институциите кои се платени со граѓанските пари“ – подвлече Кордалов.
Тој истакна, дека е важно политичките лидери на национално и локално ниво да сфатат дека не се незаменливи и дека добиваат мандат кој секогаш е ограничен.
„И токму затоа, во тој мандат треба да постигнат колку што можат повеќе за решавање на напластените проблеми кои ги мачат граѓаните, односно да реализираат конкретни проекти со кои Македонија забрзано ќе ја однесат во придобивките кои со себе ги носи 21 век. Ако тоа не се случи, ќе продолжиме забрзано да движиме во земја од која сите млади ќе се иселат, а единствено ќе останат да живеат административците и пензионерите“ – заклучи Кордалов.
Големиот број на независни кандидати и советнички листи е тема која се повторува на Балканот, истакна политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
„Политичката сцена се состои од два политички блока и тоа е сè, затоа се јавува потреба за трета понуда. Локалните избори се податливи за третата опција, за разлика од парламентарните, а независните кандидати и советнички листи можат полесно да ги соберат потребните потписи. Брзината на собирање на потписи, сепак, не е сигнал како ќе поминат независните кандидати“ – заклучува Арсовски.
Иако кампањата сè уште не е официјално започната, во јавноста веќе се појавија навредливи реторики од спротивставените табори, што навестува дека нè очекуваат тензични локални избори. (И.С.)