Нови осум дела на Пабло Пикасо ќе бидат изложени во Париз

32

Музејот на Пабло Пикасо во Париз наскоро ќе добие уште осум дела на познатиот шпански уметник. Неговата најстара ќерка Маја Руиз-Пикасо, меѓу другото, на француската држава ќе ѝ дарува и скулптура од својата лична колекција, објави француското Министерство за култура.

Во соопштението се наведува дека делата, сега во сопственост на Француската национална колекција, се донирани на музејот и ќе бидат изложени на 22 април 2022 година, како дел од изложбата посветена на Маја Руиз-Пикасо, родена 1935 година.

Министерството истакнува дека се работи за шест слики, една скулптура и блок со скици. Музејот на Пикасо во Париз, отворен 1985 година, ја содржи најголемата колекција на дела на уметникот во светот. Во барокната вила „Хотел Сале“, изложени се 5.000 негови дела и десетици илјади архивски документи. Посетителите можат да видат повеќе од 200 слики, околу 1.500 цртежи, скулптури, гравури, дела од ќерамика и експериментални творби.

Изложбата ќе вклучува и лични фотографии на кои уметникот е со своето семејство.

Пионерот на правецот Кубизам почина 1973 година во Франција, на 91-годишна возраст. Инаку, делата на Пикасо важат за доста ретки меѓу познатите колекционери, бидејќи тој не сакаше да ги продава своите творби. Ги остави во наследство на своите потомци.