Нови мерки на Кипар за справување со пандемијата

42

Намалена на шест години старосната граница за задолжителна употреба на маска; рапид тестови еднаш седмично во училиштата; откажување на сите божиќни и новогодишни настани во училиштата, се дел од новите мерки што денеска стапија во сила на Кипар, а беа донесени минатата седмица, јави дописничката на МИА од Атина.

Мерките не се поврзани со варијантата Омикрон, со оглед на тоа што беа донесени на владината седница одржана пред откривањето на новата мутација.

Од средината на декември, предвидени се дополнителни рестрикции кои пред сè, се однесуваат на невакцинираните граѓани.

Поконкретно, од 15 декември во затворените простори како што се кината, театрите, ноќните клубови и просторите за забава, но и во спортските сали и стадионите, дозволен ќе биде влез за лица над 12 години кои примиле најмалку една доза од вакцината и да имаат негативен резултат од ПЦР или рапид тест.

Од 18 декември, ќе престане да важи SafePass, односно сертификатот за вакцинација за лицата кои не примиле трета доза, а се поминати седум месеци од вакцинацијата, и за влез во просторите каде што е задолжителен, ќе треба да имаат негативен тест.

Министерот за здравство на Кипар, Михалис Хаѕипантелас, рече дека Кипар е четврта земја во ЕУ по нискиот процент на смртни случаи од Ковид-19.

– Тоа беше постигнато затоа што во минатото навремено преземавме мерки, спречувајќи пренатрупаност во државните болници и не дозволивме да дојдеме до точка да одлучуваме кој ќе живее, а кој ќе умре. Само со соработка и индивидуална одговорност ќе успееме да ја надминеме заканата од вирусот и само така ќе го спасиме овој Божиk, без да преземеме дополнителни мерки, рече Хаѕипантелас.

По откривањето на Омикрон варијантата, Кипар од саботата забрани влез во земјата на лица кои во изминатите 14 дена престојувале во јужна Африка, Намибија, Лесото, Есватини, Зимбабве, Мозамбик, Малави и Боцвана.

Исклучок има за државјаните на Кипар и земјите на ЕУ, како и лица со постојан престој на островот, но да имаат еден негативен тест пред патувањето, еден по пристигнувањето на Кипар и да поминат десетдневен карантин во специјален хотел-карантин, без разлика дали се вакцинирани или не.

Од почетокот на пандемијата на Кипар се регистрирани вкупно 133.274 случаи на Ковид-19, а починаа 594 лица.