Нови дваесет случаи со коронавирус вчера во Косово, вкупно 165 заразени

27

Институтот за јавно здравство на Косово (ИШПК) информира дека вчера се потврдени нови 20 случаи кои, од извршените испитувања во текот на денот, резултирале позитивни на Ковид-19, со што официјалната бројка на заразени со новиот вирус во земјата достигна до 165, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според синоќешното соопштение на ИШПК, во понеделникот во неговата лабораторија за молекуларна микробилогија се тестирани примероците на 129 лица за кои постоело сомневање дека се можни носители на вирусот. Вкупната бројка на тестирани од 8 февруари, заклучно со вчерашниот ден, изнесува 2.093.

Најмногу од новите случаи кои вчера резултираа позитивни на новиот вирус, вкупно 17, се од општина Малишево, кое е најголемото жариште на епидемијата во Косово, со 60 заразени лица. По еден нов случај е регистриран во Сува Река, Глоговац и Приштина.

Oд појавата на првите заразени, на 13 март, досега како излечени од коронавирусот се потврдени 24 лица, од кои едно вчера. Во истиот период е забележан и еден смртен случај како последица на епидемијата.

Извор: МИА