Новите правила за влез во ЕУ не важат ако одите на погреб, на лекување, на суд, на студии, во посета на родителите…

2846

Од 10 ноември на државјаните на околу 60 земји, вклучувајќи ги и балканските, ќе им биде потребен посебен сертификат за влез во ЕУ, како и во Швајцарија, Норвешка, Исланд и Лихтенштајн, кои се дел на Шенген зоната. Почнува да функционира новиот систем за влез-излез – ЕЕС, кој предвидува апликација за влез во земјите на Унијата. Вториот чекор, попознат како Европски систем за информации и овластување за патување (ЕТИАС), ќе бара издавање дозволи за патување и проверка на патниците.

Но, како и секое правило и ова има исклучок, па некои од нежителите на ЕУ и на земјите од Шенген зоната, сепак ќе можат да влезат во Унијата без овие процедури.

Формуларот ЕТИАС нема да треба да го пополнуваат лица кои имаат валидна виза или дозвола за престој во земја на ЕУ. Исто така и оние кои имаат дозвола за локален граничен сообраќај ќе можат да влезат во земјите на Европската унија без пополнување формулар, но ќе се третираат само како дел од локалниот граничен сообраќај.

Поблаго ограничување на влезот важи и во случај на одење на лекување, доколку постои опасност по животот на барателот или роднина, одење на погреб на член на семејството, обврска за појавување пред суд или некоја „важна обврска“. Во тој случај, патникот ја пополнува апликацијата ЕТИАС за таканаречена ограничена лиценца, наведувајќи ги причините. Дозволата ја издава државата во која патува лицето и важи само за патување во таа земја најмногу 90 дена. На пример, ако се работи за одење на погреб, земја од ЕУ може да дозволи влез само за деновите на погребот. Доколку лицето во меѓувреме аплицира и добие втор ЕТИАС за патување во сите земји од Шенген, ограничената дозвола автоматски престанува да важи.

Не е потребно вадење сертификат и за иматели на дипломатски или специјални пасоши чии земји имаат потпишано договори со ЕУ, како и за лица кои транзитираат низ европски аеродроми. Лицата со двојно државјанство на земја членка на ЕУ исто така не треба да аплицираат, под услов да патуваат со пасош или лична карта на таа земја.

На членовите на екипажот на бродови и авиони за некои земји од ЕУ ќе им треба формулар ЕТИАС, додека на други не. Бидејќи европските земји на кои им е потребен ЕТИАС имаат различни барања за членовите на воздушниот и поморскиот екипаж, пред патувањето секогаш треба да се провери кои барања важат за конкретната земја.

За влез во ЕУ се плаќа и такса од седум евра, но и тука има исклучоци. Нема да ја плати, на пример, дете кое патува во земјата во која живее неговиот родител кој е државјанин на ЕУ или член на шенгенскиот систем. Но, ако сака да патува во друга земја, ќе треба да пополни нов формулар ЕТИАС и да ги плати седумте евра. Истото важи и за сопружниците или регистрираните партнери.

Под одредени услови од формуларот се ослободени припадници на вооружените сили кои патуваат во деловна активност на НАТО или Партнерство за мир, како и студенти или истражувачи кои го остваруваат правото на мобилност и лица кои се префрлуваат во рамки на компанијата.