НОВИНАРКИ НА ПЛУС 35 СТЕПЕНИ: Короната ни ги украде патувањата, ама не` подучи на љубов и уживање

384

 

Лето како никое досега, и како никое друго, се надеваме. Невообичаено мирно, и исто толку креативно кога е во прашање избор на дестинација за одмор. Се разбира најдалечната точка може да ни биде само околу 200 километри од местото на живеење, но научивме дека и тоа може да биде инспиративно, релаксирачко и дефинитивно да не наполни со љубов. Неколку телевизиски лица ни ги открија нивните дестинации и дефиниции за среќа во ова специфично лето.

 

Весна Јовановска Дојчиновска, новинар во телевизија Телма

Весна Јовановска Дојчиновска со сопругот Игор и ќеркичката Ирис

  • Одложени, но не и откажани планови и патувања. Корона-кризата ни го стави приватниот живот буквално на „стенд бај“. Поимот летување, овој пат, наместо да не` опушти, ни ги надразнува сите сетила. Ги нема неврзаните муабети за креми против убоди од инсекти или за заштитен фактор, сега се разменуваат информации  за таканаречените ПЦР тестови, за нивната важност, за тоа колку чинат, итн. Точно дека состојбата е загрижувачка, но не смее да премине во хистерија, затоа и мора да ја имаме таа мала одишка во овој период од годината. Независно каде, мислам дека мора да ги наполниме батериите. Но, за да го намалиме ризикот од Ковид 19, но и да ја прескокнеме целата таа бирократија околу ПЦР тестовите, со сопругот и ќеркичката одлучивме да останеме во државата и во втората половина од август да се потсетиме на нашите природни убавини. Ковид стави кочница на многу мегаломански апетити, па и на нашите. Ова лето е необично, но навистина динамично и за новинарите. Меѓу два огна треба да размислувате со ладна глава, но за тежината на професијата во овие драматични моменти, во друга прилика. Инаку, стравот од овој подмолен вирус не` научи и дека пет-минутниот телефонски разговор со најблиските, може да биде најдобро потрошеното време во денот. Ќерка ми Ирис, често инсистира да ми се јави додека сум на работа, а разговорот го завршува со реченицата: „Да, мамо, ме слушаш, ама не ме разбираш.“ Мислам дека конечно разбрав што сака да ми каже.

Татјана Петровска, водителка на Фолк џубокс, Македонска телевизија

Најчесто употребувана реченица оваа година ми е една наша стара мудрост- “Секое зло за добро”. Некаде кон средината на март месец, сите почувствувавме како одеднаш “светот подзастана”. Моравме преку ноќ да ги смениме сите навики, планови, работни и приватни обврски и задоволства. Топлите денови и летото дојдоа многу брзо. Некаде кон средината на мај повторно почнавме со снимање на емисијата “Фолк џубокс” и тоа ме направи среќна, ми влеа надеж и опимизам. Никогаш како сега не сум поминала толку часови во природа како последниве месеци. На Скопјани им ја препорачувам парк шумата Гази Баба како алтернатива. Блиску, а е фасцинантно искуство. Прошетката ми стана навика. Сеуште немам желба да седнам во некое кафуле. Одамна не сум кажала  “Немам време” зошто сега има време за се а се а најмногу за луѓето што ги сакаме . Скоро се вратив од Охрид а мој избор за плажа ова лето беше Калишта – Струга. Треба само вистинско друштво и мир во душата. Среќна заминав на еден од најубавите годишни одмори досега и се вратив со душа полна радости. “Фолк џубокс” почнува со премиерни емисии кон крајот на август, а до тогаш уште многу задоволства.

 

 

Анкица Стојановска Митровска, уредничка во телевизија Алфа

Анкица Стојановска Митровска со сопругот Иван и близначињат Ива и Марко

 

Сите планови за летувања, шетања, посети на подалечни дестинации останаа за некои подобри времиња кога ќе заврши сето ова лудило со короната. Летово го помнувам во друштво на моите близначиња Ива и Марко, тие во Септември ќе наполнат 6 години и се спремаме за првачиња. Бидејки не работат градинките и нашите баби и дедовци ни се слободни само за викендите преку недела имаме низа на активности. Задолжително капење во базен со мускули, пераи, очила, топки и целата опрема што ја имаме. Учиме да броиме, боиме и пишуваме, играме игри без граници во дворот, често пешачиме на Водно и возиме велосипеди во парк. Долго време сме дома и мораме да го организираме времето.

За неколку денови ќе заминеме на летување во нашиот преубав Охрид, децата уште од сега се возбудени и ги бројат деновите. Кон крајот на август во план е да летуваме и на планина. Сите ќе ја запомниме добро 2020 зошто не остави без реализација на плановте.  Здравјето ни е пред се, и со добра агенда и план одлично си поминуваме во Скопје и низ низа места и убавини од нашата чудесна Македонија.

 

Миланка Рашиќ, автор и водителка на телевизиски емисии

За човек како мене, кој и последната пара би ја дал за патувања, моментот кога сфатив дека сите граници се затвораат поради пандемијата ми беше нестварен и тешко прифатлив. Отсекогаш сум го сакала летото, особено поради патувањата, кои ми се страст, инспирација, не само откривање на нови места, туку и себеспознавање. Минатите неколку лета бев во Кипар, Франција, Турција, Шведска, а за ова лето планирав да одам во Шпанија.

Од крајот на февруари немав излезено од Скопје и затоа многу му се израдував на одморот во Отешево, од каде што се вратив пред неколку дена. Уживав во преубавата природа, чистиот воздух и вкусната храна во хотелот познат по снимањето на серијата „Преспав“. Сите имавме чувство дека ќе ги сретнеме Јелена или Таљат, а убедливо најсликана беше таблата „Преспав“. Се изненадив кога видов колку многу е повлечено Преспанското езеро, бидејќи сум била пред 6 години во овој хотел и знам колку беше убаво на плажата. Сега не може да се плива, освен ако не одите со кајак подалеку. Езерото е насекаде повлечено што е вистинска еколошка катастрофа. Немав храброст да пробам кајак, ама возев велосипед на патеката пред хотелот. Будење со поглед на езерото и црцорењето на птиците беше она што ми требаше за да се опуштам и да подзаборавам на стресот со вирусот. На плажа одевме во Сливница, на 25 км од хотелот.

Деновиве се вратив на вообичаениот ритам и работните обврски. Лето во Скопје на плус 37 не ми е проблем, Скопје на минус 15 ми е проблем. Пред два месеца почнав со ЕМС тренинзи. Си реков, ако се добри за Јусеин Болт и Надал, ќе бидат супер и за мене.

Короната ни ја украде радоста за патувањата низ светот. Ама не` потсети на најважното, здравјето, смеењето, љубовта и најблиските. Да уживаме во секој ден што е пред нас.

 

Билјана Дебарлиева, водителка во Канал 5

Никогаш не сме ни помислувале дека ќе доживееме ваква “посебна” година, дека за многу краток период светот ќе биде зафатен од една ваква пандемија со која некако тешко ја биеме битката. Уште во периодот кога се надевавме дека летото и топлото време ќе го ослабнат вирусот и ќе се намали неговиот интензитет и јачина (а излезе сосема спротивното, па и кај нас и во светски рамки тој зеде уште поголем замав) со сопругот одлучивме дека ова лето ќе го поминеме во нашата убава Македонија, која навистина изобилува со преубави места. Бевме еден викенд во Охрид, максимално избегнувајќи гужви и собирања, а остатокот од одморот, до празникот Илинден сме во нашето преубаво Маврово кое нуди милион можности за планински и езерски туризам. Не мора да значи дека ако не си бил на море, како да не си бил на одмор.

И вака е убаво, на планина, во село, покрај река или езеро, само ако знаеш како и со кого да ги уживаш моментите. Ќе дојде време кога повторно ќе патуваме, ќе славиме, ќе се радуваме, ќе се дружиме. Она што е најважно сега е да го зачуваме здравјето, сопственото и на нашите најблиски!

(Л.Г.Д.)