Нова сезона, стара приказна: Лозарите го истураат грозјето незадоволни од цената, откупувачите тврдат дека се манипулира со квалитетот

226

Иста слика, речиси секоја година. Лозарите, незадоволни од откупната цена, викендов го истурија грозјето пред најголемата винарница во државата „Тиквеш“, поради што откупот беше стопиран. Лозарите велат дека се измамени зашто компанијата не ги почитува договорените откупни цени, а од „Тиквеш“, пак, тврдат дека се единствена винарница во државата која годинава дефинирала највисока цена и проблемот го лоцираат во неколкумина поединци кои манипулираат со квалитетот на грозјето.

Да нема манипулации со шеќерните единици кои се бараат при откупот на грозјето, јавно побара вчера Дане Јошев, претседател на регионалното Здружение Тиквешки лозароовоштари.

Тој нагласи дека на терен, некои од откупувачите не ги почитуваат претходно неформално договорените цени за килограм грозје. Апелираше за зголемена инспекциска контрола на терен, со цел, како што додаде, да престанат малверзациите кон лозарите при откупот на нивното грозје.

На протестите со лозарите викендов беше и кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, кој понуди проблемот да се решава во неговиот кабинет. Тој ги повика сите советници од регионот како и градоначалници, пратеници и министерот за земјоделство Аријанит Хоџа или претставник од Министерството, да дојдат во неговиот кабинет за да се најде решение.

-Жални се сликите кои ги гледам, урнатата ограда, и полицијата којашто стои пред лозарите. Апелирам сите надлежни да се појават на средбата бидејќи бербата е во тек и да не им се прави штета на земјоделците кои чесно си го заработуваат своето парче леб, порача Јанчев.

Протестот на лозарите почна во саботата попладне, со најава дека нема да прекине сè додека не се најде решение. Стотици лозари се собраа пред винарската визба „Тиквеш“. незадоволни не само од ниските откупни цени туку и од тоа што откупот е прекинат. Оние кои протестираа и го истураа грозјето од тракторските приколки пред влезот на винарницата изјавија дека им било кажано дека грозјето нема да им биде откупено доколку не надминува 19 малигани, па за род со 19 малигани или помалку им била понудена цена од осум денари за килограм.

Тие очекуваа министерот за земјоделство, Аријанит Хоџа да се појави пред нив и да се најде решение, оти, како што рекоа, грозјето скапува, а многу од нив цел ден чекаат со тракторските приколки. Министерот не дојде, но порача дека „Тиквеш“ два дена нема да откупува, но другите винарници ќе почнат откуп по цените кои ги објави првично „Тиквеш“

Од “Тиквеш“, пак, изјавија дека прекинот на откупот го предизвикале неколкумина поединци, кои на крајно некоректен и насилнички начин го блокирале влезот на винарницата и со тоа им попречиле на над 200 вистински лозари кои требало да го предадат своето грозје.

-За да биде ситуацијата уште поапсурдна, поединците кои насилно и на највулгарен начин го блокираа влезот во винарницата и притоа нанесоа материјална штета, всушност се обиделе да манипулираат со квалитетот на грозјето кое имале намера да го предадат во „Тиквеш“, соопшти винарницата.

Оттаму појаснија дека грозјето што овие поединци сакале да го предадат за откуп било со многу понизок квалитет и воопшто не одговарало на мострите кои претходно ги презентирале. Со тоа при стручната проценка на квалитетот е утврдено дека ова грозје немало соодветни карактеристики за да може од него да се произведе вино или дестилат, а со тоа не можело да ја постигне цената која лозарите ја очекувале.

-Ако, како што тврдат од винарската визба „Тиквеш“ поединци манипулирале со квалитетот при откупот на грозјето, тоа не значи дека сите останати лозари кои соработуваат со винарницата со години треба да страдаат и да го фрлат својот род. Тоа е пораката која ние, околу 700 лозари, ја упатуваме до нејзиниот менаџмент, одговорија лозарите кои протестираа.

(С.В.)