Нова сезона за обнова и проширување на уличната и локалната патна мрежа

17

Општина Гевгелија деновиве ќе ги распише јавните повици за изградба на нови улици, реконструкција на постојните улици, бетонирање и тековно одржување на локалната патна мрежа. Станува збор за четири тендери со кои всушност се најавува и новата сезона за обнова и проширување на уличната и локалната патна мрежа во општина Гевгелија.

– Во рамките на јавниот повик за изградба на нови улици, покрај другото, договорено е со новиот тендер да биде опфатено тампонирањето и поставувањето на долен строј на двете нови улици во станбената населба Караорман. Што се однесува, пак, до реконструкцијата и бетонирањето, со новите тендери ќе бидат опфатени повеќе улици и краци во Гевгелија и во населените места – соопштија од Општина Гевгелија.

Веднаш ќе се интервенира со прокопување на одводен канал, меѓу бензинската пумпа „Шимов“ и каналот „Рауљ“ за решавање на проблемот со водата што се собира на овој дел од крстосницата на влезот во Гевгелија, по секој пообилен дожд.

Во понатамошната фаза ќе се подготват тендери за реализација на проектот „Градски урбан сквер“, со кој се предвидува хортикултурно и партерно уредување на просторот кај стариот Градски пазар.

Исто така, наскоро треба да започнат работите за поставување на долен строј на продолжението на Западниот булевар, односно улицата „Св. Климент Охридски“, како и изградба на улицата „Александар Бел“ на Мрзенски Рид.

За реализација на приоритетните проекти од патната инфраструктура наскоро треба да биде распишан и тендер за пробивање на улицата за дополнително патно поврзување на делот кај мотел „Вардар“ со Милци.