Нова претстава на независната театарска сцена: „Дневна доза мазохизам“ – со праизведба во МКЦ

56

Во МКЦ (Салата „25 Мај“) на 24 јуни, со почеток од 18 часот, премиерно ќе се изведe новата претстава од здружението Пресврт, насловена „Дневна доза мазохизам“ по текст на младата хрватска авторка Дина Вукелиќ, а во режија на Лука Кортина. Ликовите во претставата ги толкуваат младите Дарко Ристовски, Томислав Давидовски, Марјан Наумов, Јанка Лефкова и Ава Хусеини, како и веќе докажаните Амернис Нокшиќи, Димитрија Доксевски и Ѓорѓи Јолевски.

„Истражувајќи ја опсесијата како генетски код врз кој се создаваат односите меѓу луѓето и опседнатоста како пракса што се артикулира во секојдневието, новиот театарски проект на ‘Пресврт’ – ‘Дневна доза мазохизам’ го разложува човековиот емотивен распад преку конфликтот што се наоѓа во обичните ситуации. Заслепени од виртуелниот идеал, луѓето често се наоѓаат на крстопатот помеѓу тоа што е и тоа што посакуваат да биде, како што му се случува и на Тома, чие несовпаѓање со светот длабоко се истакнува преку неговата привлечност кон младата ‘инфлуенсерка’ Софија, која пак се бори со сопствениот наметнат калап на своите обожаватели“, се посочува кон претставата.

За авторката Вукелиќ, праизведбата на текстот „Дневна доза мазохизам“ во МКЦ, има големо значење. „Верувам и за ‘Пресврт’, кој со овој проект отвора интресен простор на независната сцена и ги поврзува уметниците на интелектуално ниво, истражувајќи нови изрази и естетики. Од перспектива на хрватска авторка сметам дека ни се потребни не само праизведби на современи текстови, туку и соработка со уметници од овие простори со кои делиме доволно сличности за да се испреплетат темите што нè засегаат, а и доволно различни за да учиме едни од други“, вели Вукелиќ.

За режисерот, Лука Кортина, пак, театарот е интимно поврзан со суштината на бидување човек на оваа планета. „Постоењето и враќањето на театарот е еднакво со постоењето и живеењето на човековиот род. Претставата за која имавме среќа и се изборивме да ја направиме е во суштина приказна за нас, луѓето, кои се прашуваме дали сакаме или не сакаме да живееме. Одговорот на животот треба да биде љубовта“, посочува тој.

Сценографијата е на Мартин Манев, костимографијата на Ирина Тошева, додека пак кореографијата на Наталија Теодосиева. Продуцент на претставата е Петар Антевски.