Нова населба за 5.900 жители ќе никне на местото на фабриката „Карпош“

7978

Новиот ДУП што го подготвува општина Ѓорче Петров предвидува дислокација на фабриката „Карпош“ и на нејзино место да никне нова населба со 11 станбени згради, основно училиште и градинка. Фабриката „Карпош“ се сели во општина Илинден, во близина на „Белви“, но тие ќе ги градат најголем дел од планираните згради. Со планот соодветно е планирана и целокупната инфраструктура која е неопходна за непречена градба, употреба и одржување на истите

Фабриката за производство на монтажни армирано-бетонски елементи „Карпош“ ќе се дислоцира во општина Илинден во близина на „Белви“. На нејзино место ќе никне нова станбена населба предвидена со Деталниот урбанистички план за ГЧ СЗ 16. На површина од 47 хектари планирани се 11 станбени згради во кои би живееле 5.900 луѓе.

Од фабриката „Карпош“ за весникот ВЕЧЕР велат дека и со претходниот план се предвидувала дислокација на фабриката, а со него било предвидено да има и амбуланта, трговски центар, градинка, дури и Дом за нега на стари лица. Велат дека управната зграда на новата локација во Илинден ќе биде готова до крајот на годинава и најавуваат дека тие ќе ги градат поголемиот број од зградите планирани да никнат на местото на постојната фабрика „Карпош“.

На просторот на фабриката планирани се 11 згради кои ќе бидат со катност од 6 до 14 катови со потпокрив. Освен згради, планирано е и основно училиште на површина од 1,21 хектар кое според локалната самоуправа ќе ги задоволи потребите на жителите. Со ДУП донесен во 2015 година претходно веќе е планирана градинка во соседната четврт СЗ 18.

Според објаснувањето од општина Ѓорче Петров, особен акцент е ставен кон планирање на површини под зеленило.

– Императив на општината е новата населба Александрија да биде атрактивно место за живеење, во која ќе бидат обезбедени услови за хумано живеење и работа на граѓаните – објаснуваат од Општина Ѓорче Петров.

Просторите на кои се наоѓаат фабриката „Карпош“ и „Техногас“ со Генералниот урбанистички план на Град Скопје 2012-2022, претходно се планирани во зони за домување, а просторот на „Алкалоид„ /„Лафома“ е планиран во зона со мешана намена: индустрија со комерцијални содржини. Останува станицата на ЈСП (која станува и прва/последна станица за БРТ).

– Индустриските капацитети со претходните планови (пред 2012 година) зафаќаа површина од 37,62 хектари, сега се сведени на 6,39 хектари – простор кој е дел од комплексот на „Алкалоид“ / „Лафома“ – објаснуваат од Општина Ѓорче Петров.

Оваа поранешна индустриска зона се протега низ површината на 2 градски четврти зададени со ГУП Скопје 2012-2022: Градска четврт СЗ 16 (за која во моментов се води постапка за изработка до конечно донесување на Детален урбанистички план) и Градска четврт СЗ 18. За Градската четврт СЗ 18 веќе е донесен детален план во 2015 година, а според кој веќе има повеќе реализирани граби (се работи за новата населба Александрија).

И од локалната самоуправа потврдија дека фабриката Карпош е во процес на дислокација и оти поранешниот простор на фабриката веќе е преполовен, односно на делот во соседната четврт СЗ 18 веќе се реализирани и тековно се реализираат повеќе градби со намена домување.

– Фабриката „Карпош“, како индустриски капацитет, не се задржува ниту во предметниот предлог на ДУП за Градска четврт СЗ 16, кој е во постапка на изработка до конечно донесување – потенцираат од Општина Ѓорче Петров.

Според општинските власти, Предлогот на деталниот урбанистички план нуди целосно планско решение за просторот, односно за планираните содржини, соодветно е планирана и целокупната инфраструктура која е неопходна за непречена градба, употреба и одржување на истите.

– На делови постојната инфраструктура може да се задржи, односно вклопи во планското решение, но на делови се планира и надградба и/или целосно нова инфраструктура. Ова ја вклучува и сообраќајната инфраструктура. Единствена постојна улица е булеварот „Партизански одреди“. Постојната улица кај влезот во депото на ЈСП е вклопена во решението, но е планирана со надграден профил. Од постојните 6 метри широчина се надградува на профил со вкупна широчина од 18 метри. Останатите улици се новопланирани: ободните „Ацо Шопов“, „Илинденска“, „Црногорска“ и „Македонска војска“ (преземени од ГУП на Град Скопје), како и дополнителни шест улици во внатрешноста на четвртта. Сообраќајното решение е конципирано на начин со кој се обезбедува непречено и безбедно одвивање на сообраќајот – децидни се од локалната самоуправа.

По спроведените јавни анкети и јавни презентации, претстои изработка на конечен предлог на планот, а на кој со свое мислење ќе се произнесат низа на инволвирани институции кои се вклучени во постапката. Потоа ќе се врши стручна ревизија на планот и истиот ќе се проследи до Министерството за транспорт и врски со барање за издавање на согласност. По обезбедената согласност, крајниот чекор е донесување на планот од страна на Советот на Општина Ѓорче Петров, а процедурата се очекува да заврши до крајот годината или на почетокот на следната.

(А.П.)

Нема планирано велопатеки за новата населба кај фабриката „Карпош“