Во издание на „Клуб Матица“ е објавена книгата „Македонска љубовна лирика“ приредена од Иван Антоновски и проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.

„На близу 500 страници, претставени се 342 песни од македонски поети од сите генерации. А меѓу нив и (под)заборавени песни и автори што треба да ги вреднуваме. Во петте циклуси, од копнеж до ерос е и можниот одговор на прашањето како се љуби на/со македонски јазик и на македонски начин“, посочува Антоновски.

Овој избор содржи 342 мали прослави на 342 форми на љубовта од современите македонски поети, подредени во пет циклуси.

„Циклусите се развиваат онака како што се развива самиот љубовен чин – од копнеж, од приказ на идеалниот драг/идеалната драга, па до чинот кога двајцата се едно, кога посакуваниот е (или барем ни се чини дека е) во прегратката на оној кој својот љубовен немир го искажува со поетско јас, за на крајот да се круниса со поетскиот восклик  на страста и еротиката кога и двете души и двете тела се претопуваат  во една нераскинлива целина“, посочуваат приредувачите на ова дело.

Тие додаваат дека со читањето на стиховите од овој избор, ќе ни се врати вербата дека и во ова наше време, може вистински да се љуби.

И на македонски јазик и на македонски начин…