Нова година во Велес почнала да се прославува од 1923 година, богатите велешани славеле по хотели, сиромашните дома или во фабричките ресторани

86

Податоци за пречек на Новата година во периодот на Отоманската Империја, пред Балканските и Првата Светска војна нема зачувано. За време на владеењето на Стара Југославија, специјални личности ја испраќале старата и ја пречекувале Новата, а на свеченостите присуствувале и видни богати велешани. Посиромашните велешани ја одбележувале на најразличен начин ….. додека едни со песни и игри и ракија и вино по домовите или во фабричките ресторани, други, пак, на овие собири се договарале за револуционерна дејност

Новата година жителите на револуционерен Велес, меѓу првите во Македонија ја одбележувале на најразличен начин. Податоци за пречек на Новата година во периодот на Отоманската Империја, пред Балканските и Првата Светска војна нема зачувано. Меѓутоа, точно се знае дека денот на поминување од една во друга година, во Велес, за време на владеењето на Стара Југославија /СХС/, кога денешна Македонија се викала Вардарска Бановина, свечено се одбележувал. Така во хотелите “Круна”, “Белград” и “Загреб” , специјални личности ја испраќале старата и ја пречекувале новата година. Меѓу Србите, Хрватите и Словенците на свеченостите присуствувале и видни богати велешани од семејствата на Ѓорчеви, Левкови, Органџиеви, Цуракови, Васкови, Ѓоргови, Шукареви  и други. Според пишани податоци, Нова година за првпат била прославена во 1923 година.

Нова Година ја славеле и посиромашните велешани и тоа во домовите. Ја одбележувале на најразличен начин. Додека едни со песни и игри и ракија и вино, други, пак, на овие собири се договарале за револуционерна дејност.

– На новогодишната ноќ можевме слободно да организираме партиски состаноци на кои правевме планови за акции против тогашните власти во Македонија. Јас бев мал но, учествував на неколку вакви прослави, а подоцна, после1935 година, па и за време на Втората светска воја, ние сами организиравме вакви прослави. Во 1942 година заедно со Скоевската организација, точно на Нова година, во куќата на нашата соученичка Зара, имавме прослава на која го договоривме штрајкот во Велешката гимназија – ни рече 95-годишниот д-р Никола Стојанов.

Според податоците, организирани прослави по ослободувањето во Велес почнале во 50-тите години на минатиот век. Додека едни прославувале во единствениот хотел, други, пак, во работничките ресторани на фабриките, но најголем број Новата година ја прославувале во домовите.

– Во слободна Македонија со радост и нетрпение ја чекавме новогодишната ноќ. Додека работниците ја чекаа во рестораните на “Порцеланка”, “Маслодајна”, “Свилара”, “Жито Вардар”, “Монополот” и други места, ние помладите ја одбележувавме во приватни куќи. Се сеќавам најнапред одевме во кино, а потоа одевме кај некои од другарите и со пиво, вино, ракија, а за девојките сок, ја прославувавме највеселата ноќ. По 12 часот, за да не бидат карани девојките од нивните родители, си одевме секој во својот дом. Убаво беше тоа време. Сиромашно, но беше убаво – ни вели велешкиот истражувач, Љупчо Данов.

Традицијата за пречек на Новата година од 1950 година, па до денес не е прекината. Разликата е само во тоа што денес Новата година се прославува во хотелите, рестораните, кафулињата, а многу малку во домовите и фабричките ресторани.

(С.А.)